• вторник, 05 ноември 2024

Зеленски се сретна со Стармер во Лондон

Зеленски се сретна со Стармер во Лондон

Лондон, 10 октомври 2024 (МИА) - Британскиот премиер Кир Стармер денеска во Лондон се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Како што претходно беше најавено, за време на состанокот во Даунинг стрит, Зеленски ќе ги изложи деталите за неговиот „план за победа“, додека Стармер ќе ја потврди својата „континуирана посветеност и поддршка“ за Украина.

Разговорите доаѓаат во време кога конфликтот со Русија влегува во третата зима, а републиканскиот кандидат Доналд Трамп, кој се смета за помалку ја поддржува Украина, се чини дека ќе победи на претседателските избори во САД во ноември, јавува Би-Би-Си.

На средбата со Зеленски во Даунинг стрит пристигна и новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте. Руте ќе има разговор и еден на еден со британскиот премиер, додека Зеленски ќе отпатува во Франција и Италија за да ја продолжи европската дипломатска турнеја.

За пристигнувањето на Зеленски беше поставен црвен тепих во Даунинг стрит, а двајцата лидери се ракуваа и се прегрнаа на скалите.

„Благодарам на народот на Обединетото Кралство, народот на вашата голема земја, за силата што ни ја влевате од почетокот на војната“, рече тој пред почетокот на средбата.

Тој најави дека ќе презентира детали од таканаречениот План за победа на Украина, стратегијата за следната фаза од војната.

„Многу е важно што можеме да ја покажеме нашата постојана посветеност на поддршката на Украина. Оваа средба е можност да поминеме низ планот, да разговараме подетално. Ова е многу важна борба за вас и за нас“, рече премиерот на Велика Британија.

Агендата за преговорите во Даунинг стрит не е објавена, но Зеленски најверојатно ќе побара дозвола од Стармер да користи ракети испорачани од Британците на руска територија, наведува британскиот јавен сервис.

Тој јавно повика на неговите сили да им се дозволи да ги гаѓаат руските воени логистички цели длабоко во Русија со ракети „Сторм Шедоу“, но досега не успеа во тие напори. САД исто така треба да дадат дозвола ракетите да се користат во Русија. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан