• петок, 19 април 2024

Заложничка криза во Германија: Жена упаднала во клиника, запалила факел и се заканувала

Заложничка криза во Германија: Жена упаднала во клиника, запалила факел и се заканувала

Ахен, 4 март 2024 (МИА) – Голема полициска и противпожарна акција е во тек во болницата Лујзен во Ахен, Германија, каде според првичните информации од полицијата, наводно вооружена жена им се заканувала на неколку лица во клиниката, јавија германските медиуми.

Областа е опколена со вооружена полиција со шлемови, панцири и автоматски пушки, а улиците се затворени. Специјални единици од Келн се на пат кон локацијата.

Се наведува дека жената запалила пиротехника и голем облак чад ја наполнил клиниката. Според БИЛД, непозната жена запалила факел во операциона сала.

Таа потоа се забарикадирала во соба за пациенти и засега не е јасно дали имало други луѓе во собата.

Полицијата се уште не може да каже која е точно вооружената, ниту на кого му се заканува. Исто така, не е јасно дали има повредени.

Станува збор за протестантска болница со 378 кревети и дванаесет специјалистички одделенија. Во болницата работат околу 1.600 вработени.

Во моментов се расчистуваат делови од клиниката, а пациентите се преместуваат.

Како што пренесува „Ахенер цајтунг“, од зградата се изнесуваат вознемирени лица.

Полицијата ги повикува луѓето да ја избегнуваат областа околу болницата Лујзен. јт/

Фото: ДПА

Остани поврзан