• понеделник, 08 јули 2024

„Зад стоговите сено" ќе го отвори фестивалот Киненова, награда за особен придонес во филмската уметност за Бранислав Лечиќ

„Зад стоговите сено

Скопје, 6 октомври 2023 (МИА) - Со филмот „Зад стоговите сено", кој е во грчко-македонска продукција, на 13 октомври ќе се отвори годинешното осмо издание на Меѓународниот филмски фестивал Киненова. Фестивалот оваа година ќе се одржува под мотото „Прв филм, осмо сетило", а ќе трае до 18 октомври. 

Наградата за особен придонес во филмската уметност ќе ја добие српскиот актер Бранислав Лечиќ.

Единствениот македонски филм што ќе биде во официјална селекција е филмот „Преекспонирано" на Елеоноира Венинова.

-Во средина во која не постојат граници или стандарди според кои можеме да се ориентираме што е добро, што е вредно, што заслужува внимание, сметам е потребно посебно сетило или прерцепција, а за ова може да ни помогне филмската уметност, која е моќен медиум, рече на денешната прес-конференција Небојша Јовановиќ, директорот на фестивалот. 

Тој додаде дека во рамките на фестивалот ќе има проекции на филмовии кои внимателно се одбрани и доаѓаат од различни страни на светот.

-Среќен сум со селекцијата на кратките филмови. Имаме филмови од Балканот, од Европа, од светот, додаде Јовановиќ.

Како што посочи Јовановиќ, ќе изобилуваат дистописки филмови, филмови со социјално ангажирани тематики, филмови за женски приказни, драматични приказни во чиј фокус е жената и сите драми и предизвици кои може да ги преживува млада или возрасна жена во различни средини. 

Уметничкиот директор Гена Теодосиевска на прес-конференцијата информираше дека во главната програма ќе биде филмот „20.000 видови пчели“ на исклучителната баскијка Естибалиц Уресола Солагурен.

-Во Берлин 11- годишната талентираната Софиа Отеро ја понесе наградата „Сребрена мечка“ за актерско остварување. Филм за збунетоста на едно дете, кое само се справува со својот идентитет и прашањата на еден затворен екосистем на матријархат на пчеларки во едно баскиско село. Деликатен, полн со нежност филм. Овој  филм годинава е кандидат за Оскар на Шпанија, вклучен во 40те играни филмови кои се во трка за Европскиот оскар, а нејзиниот краток филм Хорда исто така е во конкуренција за најдобар краток филм кандидат за Европската филмска награда, рече Теодосиевска.

Исто така, како што рече, ќе се прикажува и филмот „Феемме“ (Женствена), на двоецот Сем Фриман и Нг Чон Пинг од Велика Британија, осведочени поборници за родовата еднаквост и правата на ЛГБТ заедницата.

-Ова е филм за кој се бараше карта повеќе на Берлинскиот фестивал, а потоа беше прикажан и во Монтреал, Единбург, Сараево... Режисерскиот концепт иако класично развиен, добива своја моќ над гледачот заради неговите одлични ноќни кадри, додаде Теодосиевска.

Третиот филм, како што посочи, е филмот „Празни мрежи“, дебитантски игран филм на познатиот германско ирски документарист Бехруз Карамиѕаде, кој со една згусната меланхолија ни ги открива љубовните искри на Амир и Наргес, кои ги развиваат своите идни планови наспроти стереотипите на едно патријахално и затворено општество.

-Во рамките на Киненова прикажуваме и четири играни филма од најновата Полска кинематографија селектирани од нас, а понудени како партнерска програма на Киненова и Вистула ФФ. Годинава ќе ни гостува директорката на овој фестивал Малгорзата Скулска, познатиот режисер, сценарист, кинематографер, мултимедијален ументик Лех Мајевски со неговиот најнов игран филм „Брижит Бардо“, прекрасната и актерката од филмот „Опасен господин“, Марта Ојрзинска. Останатите два филма се филмот на Јан Холубек „25 години невиност“ и „Случајот на Томек  Коменда“, потенцираше Теодосиевска.

Режисерката на „Преекспонирано“, Елеонора Венинова на прес-конференцијата денеска порача дека и е задоволство што токму овој филм е селектирани во официјалната програма на МФФ Киненова.

-Големо задоволство ми е што сме селектирани во официјалната програма на МФФ Киненова бидејќи ова ќе биде првиот македонски фестивал на кој имаме официјална селекција за филмот, но и бидејќи во некои од поранешните изданија на Фестивалот работев и како предселектор на кратките филмови. Светската премиера на филмот се случи во ноември минатата година во Каиро, а во меѓувреме беше на уште десеттина фестивали, рече Венинова.

Целиот фестивал оваа година ќе се одвива во киносалите на Синеплекс.бт/ев/

Фото/ МИА, Киненова

 

Остани поврзан