• вторник, 05 ноември 2024

Завршија „Деновите на македонската литература“: Ќе се унапредува соработката со сродните катедри од странски универзитети

Завршија „Деновите на македонската литература“: Ќе се унапредува соработката со сродните катедри од странски универзитети

Скопје, 4 април 2024 (МИА) - Катедрата за македонска книжевност и култура ќе ја унапреди соработката со сродните катедри од факултетите на странските универзитети, со заедничка цел и заеднички вложувања за афирмација на книжевните вредности и на македонскиот збор. Странските македонисти подаваат рака кон своите македонски колеги со идеи и подготвеност за заеднички проекти, гостински предавања и проширување на можностите и за македонските студенти и за студентите што студираат македонистика во странство.

Ова се дел од денешните пораки од вториот ден од манифестацијата „Деновите на македонската литература“ што се одржа во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. 

Вториот ден од манифестацијата во целост беше посветен на професори по македонска книжевност на странски универзитети, при што предавања одржаа проф. д-р Жељко Милановиќ од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Нови Сад и проф. д-р Намита Субиото од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана.  Присутните ги поздрави и деканот на Факултетот, проф. д-р Владимир Мартиновски, а по предавањата следеше и заедничка дискусија на професорите од Катедрата и нивните колеги од странство, модерирана од проф. д-р Искра Тасевска.

Како што соопштија од Катедра за македонска книжевност и култура, преку предавањата и дискусијата се отворија клучни прашања за македонскиот книжевен развој, за рецепцијата на средновековието и на македонскиот XIX век, како и за истражувањето на современата македонска книжевност. Покрај тоа се согледаа и предизвици за натамошни истражувања, унапредувања на наставата и воопшто за нови предизвици и можности во развивањето на меѓународната академска соработка.

Вчера, во рамките на манифестацијата се одржа студентска вечер на македонската книжевност и култура „Непрочитано писмо“, насловена според песна од Анте Поповски, еден од великаните на македонската литература чиишто дела беа дел од програмата на вечерта.

- Ентузијазмот и креативноста што кај нашите студенти ги има сега, за ова издание на „Деновите на македонската литература“ се најдобра потврда дека книжевната македонистика има иднина со добри перспективи. Затоа што ќе има кој да ја развива, затоа што ќе има кој да придонесува за нејзината афирмација, истакна раководителот на Катедрата, проф. д-р Трајче Стамески.

Вчера манифестацијата беше отворена со предавање на проф. д-р Виолета Пирузе-Тасевска, којашто како што беше истакнато, е еден од професорите што имаат големо значење во историјата на Катедрата и Факултетот и во сиот свој работен век беше еден од столбовите на Катедрата.

Денес, во завршницата на манифестацијата, присутните ги поздрави раководителот на Катедрата за македонска книжевност и култура, Стамески, искажувајќи задоволство што годинешното издание на манифестацијата „Денови на македонската литература“ ги поврза генерациите и што беше и во влог во унапредување на меѓународната соработка што е клучна за поширока афирмација на македонските книжевни вредности во рамките на натамошниот развој и на македонската книжевна наука.бт/дма/

Фото: Катедра за македонска книжевност и култура, Филолошки факултет „Блаже Конески“

Остани поврзан