• понеделник, 23 декември 2024

ЕУ изрази жалење поради извршената смртна казна во американската држава Мисури 

ЕУ изрази жалење поради извршената смртна казна во американската држава Мисури 

Брисел, 10 април 2024 (МИА) - Европската Унија денеска изрази „длабоко жалење“ поради егзекуцијата на Брајан Дорси во Мисури и ја повика оваа американска држава да им се придружи на останатите 37 сојузни држави во САД кои досега ја укинаа смртната казна со закон или во пракса. 

- Егзекуцијата на Дорси беше прва извршена смртна казна во Мисури оваа година, што значи дека државата ја обновува оваа нехумана и понижувачка практика, се наведува во реакцијата на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). 

Во соопштението се нагласува дека ЕУ продолжува да повикува на универзално укинување на смртната казна и од државите кои ја се уште ја практикуваат бара да воведат нејзин мораториум и да започнат со постапка на укинување егзекуциите следејќи го светскиот тренд.

- Како прашање на принцип, ЕУ силно се противи на смртната казна во секое време и во сите околности. Таа претставува кршење на правото на живот, не го спречува криминалот и ги прави грешките на правдата неповратни, наведува ЕУ, посочувајќи дека во САД досега вкупно 197 лица биле ослободени како невини, откако првично биле осудени на смртна казна. 

Смртната казна врз 52-годишниот Дорси беше извршена синоќа со инјектирање на смртоносна супстанција. Тој беше осуден за убиство на неговата братучетка и нејзиниот сопруг во 2006 година. Адвокатите на Дорси бараа преиначување на казната со образложение дека тој се променил за време на неговиот речиси 20-годишен престој во затворот, како и дека немал соодветна правна заштита за време на судењето. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан