• сабота, 22 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Арагчи: Иран ќе ги разгледа и заканите и можностите содржани во писмото на Трамп

Арагчи: Иран ќе ги разгледа и заканите и можностите содржани во писмото на Трамп

Техеран, 20 март 2025 (МИА) – Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи денеска изјави дека Техеран ќе ги разгледа и заканите и можностите изнесени во писмото од американскиот претседател Доналд Трамп.

Претседателот на САД пред две недели испрати писмо до иранскиот врховен лидер Али Хамнеи во кое предлага директни преговори и поставува рок од два месеца за постигнување на нов нуклеарен. Трамп не прецизира дали рокот тече откако е врачено писмото или од кога ќе почнат преговорите. Тој во писмото наведува и дека ако Иран одбие да преговара, не се исклучува американска или израелска воена акција против иранските нуклеарни објекти.

Писмото на Трамп беше предадено на претседателот на Обединети Арапски Емирати, Мохамед бин Зајед, за следниот ден да му биде врачено на Арагчи.

Пред писмото да стигне во Иран, Белата куќа ги извести Израел, Саудиска Арабија, ОАЕ за неговата содржина.

Хамнеи писмото и предлог за преговори на Трамп ги оцени како „измама“ која треба да создаде впечаток дека Иран одбива да преговара. Ајатолахот посочи и оти не ги поддржува преговорите со САД, но неколку часа подоцна Иранската мисија во Обединети нации издаде соопштение во кое не ги исклучи преговорите помеѓу Техеран и Вашингтон за иранската нуклеарна програма.

Според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), изминатите четири години напредуваше иранската нуклеарна програма и е поблиску од кога било до производство на нуклеарно оружје, со сегашните резерви од 60 отсто збогатен ураниум доволни за шест нуклеарни бомби доколку се збогати до 90 отсто, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија.

Иран во 2015 година склучи договор со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за регулирање на нуклеарната програма, а за возврат да се намалат меѓународните санкции против Техеран. Но, во 2018 година, за време на првиот претседателски мандат, Трамп еднострано ги повлече САД од Договорот и повторно воведе санкции кон Иран. Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум на 60 отсто.

Иран тврди дека нуклеарна енергија е за цивилни цели и негира дека сака да се стекне со атомска бомба, во што се сомневаат западните земји. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан