• среда, 08 мај 2024

ЕУ ги реафирмира поддршката и промоцијата на белорускиот јазик и култура 

ЕУ ги реафирмира поддршката и промоцијата на белорускиот јазик и култура 

Брисел, 20 февруари 2024 (МИА) – Европската Унија изразува силна осуда на континуираните кампањи за прогон и заплашување против сите сегменти на белоруското општество, невиденото ниво на репресија и ограничувањата на политичката партиципација, кои го поткопуваат потенцијалот за правичност и легитимност на парламентарните и локалните избори во Белорусија закажани за 25 февруари 2024 година, порача Советот за надворешни работи на ЕУ.

Советот ја изразува својата континуирана и длабока загриженост за влошената состојба на човековите права во Белорусија и за активностите на режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко со кои се поткопува националниот идентитет на Белорусија и ја потврдува својата посветеност за поддршка и промовирање на белорускиот јазик и култура. 

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел порача дека ЕУ ја изразува солидарност со белорускиот народ и останува решена да ги мобилизираат сите средства за поддршка на нивната желба за мир и демократија.  

- Белорусија останува високо на агендата на ЕУ. Го осудуваме континуираното бесмислено кршење на човековите права од страна на режимот на Лукашенко и невиденото ниво на репресија пред претстојните избори. Одговорните ќе одговараат, порача Борел.  

Советот воедно ја потврдува „непоколебливата поддршка за барањата на белорускиот народ за слободна, демократска, суверена и независна Белорусија, како дел од мирна и просперитетна Европа“. 

- Советот силно ја осудува континуираната поддршка што ја дава белорускиот режим за руската агресија врз Украина и ја повикува Белорусија да се воздржи од такви активности и да се придржува до своите меѓународни обврски и, исто така, ги осудува хибридните напади на режимот на надворешните граници на ЕУ, вклучително и инструментализацијата на мигрантите, се наведува во заклучоците на Советот за надворешни работи на ЕУ. 

Во текстот се потсетува дека ЕУ воведе санкции против режимот на Лукашенко и е подготвена да преземе дополнителни рестриктивни мерки се додека белоруските власти продолжуваат со своите активности. 

Во заклучоците, исто така, се нагласува силната поддршка на Унијата за белоруското граѓанско општество и се поздравува формирањето на Консултативната група на ЕУ со белоруските демократски сили и граѓанското општество.  

Советот потсетува и на посветеноста на ЕУ да обезбеди три милијарди евра за „идната демократска Белорусија“ преку сеопфатен план за економска поддршка, кој има за цел да изгради отпорност и да промовира демократски реформи, да создаде нови работни места и да го подобри животниот стандард на луѓето.  

- Идната демократска Белорусија има место во европското семејство, се додава во заклучоците на Советот за надворешни работи на ЕУ. сп/ 

 Фото: МИА Архива

Остани поврзан