• недела, 22 декември 2024

Руското обвинителство го прогласи „Фридом хаус“ за непожелна организација

Руското обвинителство го прогласи „Фридом хаус“ за непожелна организација

Москва, 7 мај 2024 (МИА) - Руското обвинителство соопшти дека ја прогласило американската невладина организација Фридом хаус за „непожелна“ во Русија. Таа одлука е еднаква на забрана и може да го изложи на ризик од казнување на секој кој работи или соработува со ФХ.

Во својот извештај за 2024 година, Фридом Хаус ја оцени Русија како „неслободна“, доделувајќи и само 13 поени од можни 100 на Глобалниот индекс на слободата.

„Откако режимот започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, властите ги зајакнаа ограничувањата на индивидуалните права и слободи за да го задушат домашното несогласување“, се вели во извештајот.

Рускиот јавен обвинител Игор Краснов на својот канал Телеграм рече дека Фридом Хаус е вклучена во промовирањето на таканаречената доминантна улога на САД во светот, ја дискредитира руската војска и се залага за помош на Украина и воведување санкции против Русија.

Претходно денеска, московскиот суд и одреди двомесечен притвор на руската новинарка Надежда Кеворкова (65), поради сомневање дека „оправдува тероризам“.

Кеворкова е воен дописник, авторка на бројни извештаи од Блискиот исток, како и на голем број книги за Палестинските територии. Таа била приведена вчера при претрес во нејзиниот дом. зш/

Остани поврзан