• недела, 22 декември 2024

ЕУ бара венецуелските власти да запрат со „судско заплашување“ на опозицијата

ЕУ бара венецуелските власти да запрат со „судско заплашување“ на опозицијата

Брисел, 6 август 2024 (МИА) - Европската Унија денеска и порача на владата на Венецуела да престане да ги таргетира опозициските лидери откако властите отворија кривична истрага против најгласните кои го оспоруваат реизборот на претседателот Николас Мадуро.

- Ова треба да престане. Ги повикуваме властите да го прекинат ова, оваа кампања на заплашување на опозицијата и судско заплашување, рече портпаролот на ЕУ, Петер Стано.

Генералниот обвинител на Венецуела, Тарек Сааб, синоќа соопшти дека државното обвинителство започнува кривично гонење против лидерите на опозицијата, Марија Корина Мачадо и Едмундо Гонзалес, кои ги оспоруваат резултатите од изборите одржани на 28 јули.

Сааб изјави дека истрагата е за „поттикнување на полицијата и војската да не го почитуваат законот“.

Претходно вчера, опозициските лидери објавија писмо во кое ги повикуваат силите за безбедност „да застанат на страната на народот“ и да ги почитуваат резултатите од изборите, кои, според нив, тие ги добиле.

Тврдењето на претседателот Николас Мадуро дека освоил трет мандат на гласањето на 28 јули, предизвика гневни протести од Венецуелците низ целата земја во текот на минатата недела, барајќи Мадуро да се повлече и да се почитува победата на Гонзалес.

Венецуелските безбедносни сили почнаа да ги таргетираат наводните извршители на насилни злосторства за време на протестите, во операцијата неформално наречена „knock-knock“ за која застапничките групи велат дека има за цел да влее страв кај демонстрантите.

Мадуро и други функционери ја рекламираа операцијата како средство за таргетирање на оние кои стојат зад насилството на протестите, кои тие ги опишаа како „фашистички криминалци“.

„Операција чук-чук е името дадено од одредени владини портпароли, неформално, на ескалацијата на репресијата, рече Гонзало Химиоб, потпретседател на групата за правно застапување Форо Пенал. Таа се нарекува чук-чук бидејќи тоа е ударот на вратата што го добивате во раните утрински часови“, појасни тој. Форо Пенал вчера соопшти дека потврдила 1.010 апсења, а американската група Хјуман рајтс воч објави дека најмалку 20 луѓе се убиени.

Инаку, претседателот на Изборната комисија на Венецуела, Елвис Аморосо синоќа соопшти дека на Врховниот суд му ги предал сите записници од претседателските избори, од кого претседателот Николас Мадуро побарал да ја официјализира неговата оспорена победа.

„Се што бараше највисокиот суд на државата е поднесено“, рече Аморосо.

Опозицијата смета дека и Државната изборна комисија и Врховниот суд се лојални на властите.

Станува збор за записници од секое поединечно избирачко место, кои опозицијата и дел од меѓународната заедница ги бараат за да го докажат своето тврдење дека на изборите одржани на 28 јули победил кандидатот на опозицијата Едмундо Гонзалес. ссм/

фото: архива

Остани поврзан