• петок, 22 ноември 2024

Екстрадиран Бесим Красниќи од Косово во Северна Македонија

Екстрадиран Бесим Красниќи од Косово во Северна Македонија

Скопје, 17 мај 2024 (МИА) - Министерството за внатрешни работи информира дека денеска полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР и Единицата за интервентна полиција на СВР Скопје го завршија процесот на екстрадиција на Бесим Красниќи (44) од Косово во Република Северна Македонија.

Како што посочуваат од МВР, Красниќи се бараше со меѓународна потерница по наредба на Основниот кривичен суд Скопје за издржување на казна затвор за сторени кривични дела разбојништво, тешки дела против општата сигурност и казнување за  подготвување во врска со кривично дело тероризам.

Од Министерството наведуваат дека лицето е спроведено во КПУ Идризово.

Основниот суд во Урошевац на 5 мај соопшти дека му изрекол мерка притвор во траење од 40 дена на македонски државјанин, кој е уапсен од косовската полиција на 3 мај, врз основа на меѓународна потерница, издадена на барање на Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението на судот во Урошевац, против лицето, идентификувано со иницијалите Б.К., е покрената потерница од Интерпол, поради сомневање дека е сторител на кривични дела „подготовка на терористички дела и разбојништво“.

- Против обвинетиот е распишана меѓународна потерница од Интерпол, со барања од 2 април 2005 година и 9 мај 2008 година од државата Северна Македонија. Обвинетиот Б.К. е осомничен дека ги сторил казнените дела во државата Северна Македонија и на 03.05.2024 година е приведен и уапсен од Единицата за брзи интервенции и Единицата за борба против наркотици во Урошевац, се вели во соопштението.

Медиумите во земјава јавуваа дека станува збор за Агим Красниќи, неговиот брат Бесим Красниќи, Сехат Рамадани и Фадиљ Точи кои се уапсени во Урошевац. За нив се распишани меѓународни потерници од страна на македонската полиција. Агим Красниќи е во бегство од февруари во 2020 година, кога не се врати во штипскиот затвор по слободен викенд. За доиздржување на казната затвор има уште 3 години и 3 месеци.фф/бак/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан