• сабота, 23 ноември 2024

Еко-филмски презентации и работилници дел од јубилејното издание на „Синедејс“

Еко-филмски презентации и работилници дел од јубилејното издание на „Синедејс“
Скопје, 9 јули 2021 (МИА) - Низ повеќе скопски локации  од 15 до 21 месецов ќе се одржи 20-то издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“. И оваа година фестивалот ќе биде на отворено, со прикажување на 12 филмови во рамки на новата програма „Европско патувачко кино под отворено небо“, како и филмски презентации со фокус на екологија и климатски промени. Како што посочи на денешната прес-конференција градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, целта на „Синедејс загревање - Европско патувачко кино под отворено небо“, кое како заеднички проект ја работи Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија и Младинскиот Културен Центар, е да се претстават новите европски филмови на отворено. -Станува збор за годишно прикажување на новите европски филмови, познати и признати од критиката, и сакани од европската публика, и тоа годинава во Крива Паланка, Струмица и Струга, рече Шилегов. „Европското патувачко кино под отворено небо“ оваа година ќе прикаже 12 филма, шест од нив се европски филмови продуцирани во последните години кои што ја одразуваат европската креативност и разновидност, и кои нудат нешто за сечиј вкус, а шест се македонски кратки филмови, дел од нив наградувани на различни филмски фестивали во светот и добро примени од љубениците на филмот од домашната публика. „Синедејс“ се одржува во истиот момент во сите европски земји, а како што посочи Шилегов, клучната цел е да го славиме и ја развиваме љубовта кон европскиот филм. -Секоја средба со филмовите кои се промовираат на „Синдејс“ претставува момент на препознавање и момент на признавање дека всушност станува збор за филмска уметност или за еден свет кој што е мошне привлечен и за нашиот град и за скопјаните, посочи скопскиот градоначалник. Координатор на фестивалот на европски филм „Синедејс“, Маргарита Арсова, на прес-конференцијата денеска информираше дека во рамките на гала програмата ќе бидат филмови кои што се премиерно на Кан во моментов, додека трае фестивалот. -Овие филмови ќе ги донесеме од Кан директно во Скопје, ќе отвориме впрочем и со истиот филм со кој што отвора Канскиот фестивал, тоа е „Анет“ во режија на Леос Каракс, ќе имаме и филмови од Нани Морети, Сребреников, и секако навивачите на Синедејс, тоа се Вуди Ален и Педро Алмодовар, сите тие дел од гала програмата, рече Арсова. Таа додаде дека ќе има и девет одлични филмови на млади и талентирани европски режисери. -Драго ми е што во оваа програма имаме филм кој што зема три награди на „Санденс“, тоа е филмот „Улиште“ во режија на косовксата режисерка Блерта Башоли, која ќе биде и наша драга гостинка на фестивалот,. Филмот инаку е македонска копродукција на Скопје Филм студио, информира Арсова. Ќе бидат прикажани и најдобрите македонски кратки филмови, ќе има и селекција на кратки анимирани спотови, кои ќе бидат прикажани како забава предвидена на кејот на Вардар, во соработка со „Флипбук Филм Фестивал“. Арсова информира дека во рамки на жирито на фестивалот оваа година ќе биде хрватскиот актер Славко Собин, Зејнеп Атакан која е турска продуцентка и Марисела Розети која главна и одговорна за „Lux Prize“ - европска награда за филм. Таа го најави и гостувањето на унгарскиот режисер Бела Тар кој ќе одржи мастер клас на 17 јули во кино „Фросина“. Филип Николовски, програмски директор на МКЦ на прес-конференцијата истакна дека веќе долги години во фокусот на фестивалот „Синедејс“ покрај филмот, се третира и музиката, но оваа година ќе биде присутен и едукативниот дел од програмата. -Имаме проект во соработка со Дарија Андовска, а тоа е „Living music project“, во кој што десет различни тимови на композитори и режисери ќе креираат со млади, талентирани деца музика за филм. Истата ќе биде презентирана во рамки на „Синедејс“, во моментов е почната работилницата, финалните продукти ќе бидат презентирани во текот на фестивалот. Ќе има посебна вечер во која оваа програма ќе биде изведена, рече Николовски. Покрај тоа, како што додаде, ќе има и работилница со професорот Александар Трајкоски на тема „Музиката во македонскиот игран филм“, кој ќе се одвива во рамки на фествиалот. Ќе има и четири концерти на фестивалот, и еден диџеј настап. -Друг дел од пропратната програма е соработката со УНИЦЕФ, таму „Синедејс“ и МКЦ се реши годинава да оствари соработка со УНИЦЕФ на тема екологија и климатски промени. Тоа е проект кој ќе го реализираме и понатаму надвор од рамките на „Синедејс“, меѓутоа во рамки на „Синедејс“ да одлучивме да направиме еко-филм програма во соработка со фестивалот на планински филм „Ехо фестивал“, и една работилница за изработување на филмски сет од отпадни материјали, информира Николовски. Посочи дека продуктот од таа работилница ќе биде презентиран и изложен како изложбена поставка во дворо на МКЦ во текот на целиот фестивал, а работилницата ќе биде спроведена со деца и младинци на возраст од 15 до 20 години. Како што рече, покрај овие еко-филмски презентации, ќе има и една работилница која насловена „72 часа филм“, исто така на тема екологија, каде што пет тима составени од млади луѓе ќе креираат филм во текот на 72 часа. -Во рамки на пропратната програма на фестивалот, се по пат локациите кои истот ака одат во контекстот екологија и во контекстот лето кое ни е во фокусот оваа година. Ако лани во програмата се одлучивме да реставрираме стари скопски кина, годинава се решивме да направиме кино покрај вода и кино во природа. Во рамки на по пат локациите имаме една проекција на Кале, една проекција на врв на Водно, во соработка со Прв до врв, неколку проекции по кејот на Вардар, а последните две вечери на по пат локациите ќе ги правиме на едно интересно место со платно поставено во езерцето на парк, појасни Николовски.бт/мс/    

Остани поврзан