• петок, 28 јуни 2024

Еквадорците избираат меѓу најмладиот претседател и првата претседателка

Еквадорците избираат меѓу најмладиот претседател и првата претседателка

Кито, 15 октомври 2023 (МИА) – Во Еквадор денеска се избира нов претседател, а неговите жители во вториот круг ќе ја изберат првата жена на оваа позиција или најмладиот претседател во историјата на земјата. 

Резултатите од изборите во оваа јужноамериканска земја и во двете сценарија ќе бидат историски.

На едната страна е левичарската политичарка Луиза Гонзалес од таборот на поранешниот претседател Рафаел Кореа, кој беше осуден за корупција, а на другата е производителот на банани Даниел Нобоа од централнодесничарската алијанса Национална демократска акција, кој во ноември ќе наполни 36 години.  Тој е наследник на деловната империја на неговиот татко Алваро Нобоа.

Изборната кампања се спроведе во сенка на смртта на претседателскиот кандидат Фернандо Вилависенсио, кој беше убиен на 9 август за време на митинг во Кито. За неговото убиство владата го обвини организираниот криминал во земјата.

Еквадор е транзитна земја за шверц на кокаин, а криминалните организации се борат за патиштата низ кои минува дрогата. Вилависенсио вети дека ќе се бори против корупцијата и криминалот. 

Минатиот викенд седуммина осомничени за кои се верува дека се поврзани со неговото убиство беа пронајдени мртви во затвор.

Првиот круг од изборите се одржа на 20 август, кога Гонзалес заврши на првото место со 33,6 отсто од гласовите. Изборите беа распишани откако конзервативниот претседател Гилермо Ласо го распушти парламентот по неговото отповикување поради наводна проневера. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан