• сабота, 25 јули 2026

Еврејската заедница во Македонија донираше над 10 илјади литри вода за гостиварци

Еврејската заедница во Македонија донираше над 10 илјади литри вода за гостиварци

Гостивар, 23 јули 2026 (МИА) – Лицата со посебни потреби и социјално загрозените семејства во Гостивар добија над десет илјади литри пакувана вода за пиење, како донација од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Еврејската заедница во Република Македонија. Претставниците на фондот и еврејската заедница, попладнево, со волонтери и граѓани посетија седум локации и поделија пакувана вода.

- Ова е гест на пријателство и помош до сите кои се најдоа во мака и се зафатени од епидемијата. Решивме во првата тура, тоа да бидат оние кои не можат сами да се снабдат со вода. Во прв ред институции кои згрижуваат и хуманитарни здруженија. Понатаму зависно од барањата и потребите ќе донираме уште, рече Горан Садикаријо, директор на фондот на холокаустот на евреите од Македонија.

Денес, палети со вода беа донирани во: Центар за социјални услуги во домот и заедницата, Блу пазл служба за функционална процена на деца и млади (деца со аутизам), во црквата, Успение на пресвета Богородица, Саат-џамијата, Дневен центар за деца со посебни потреби, општа болница „Ферид Мурад“ и црковната заедница св. Петка Гостивар.

згм/ац/

Фото: МИА