Во Битола отворена изложба на фотографии „Унгарска свадба“ од авторот Јозеф Марк Горач
- Љубителите на уметноста од вечерва во Битола може да ја погледнат изложбата на фотографии „Унгарска свадба“ од авторот Јозеф Марк Горач, уметник кој дејствува во повеќе области на визуелната уметност и унгарската традиционална култура.
Битола, 24 јули 2026 (МИА) - Љубителите на уметноста од вечерва во Битола може да ја погледнат изложбата на фотографии „Унгарска свадба“ од авторот Јозеф Марк Горач, уметник кој дејствува во повеќе области на визуелната уметност и унгарската традиционална култура.
Изложбата за отворена ја прогласи директорот на НУ Центар за култура Битола, м-р Сашо Илковски, кој истакна дека изложбата се совпаѓа со мотото на фестивалот „Илинденски денови“ – „Точка на поврзување“.

- Авторот Јозеф Марк Горач е пријател на нашиот фестивал и тоа само по себе е точка на поврзување. Годинава на „Илинденски денови“ во фестивалската програма ќе настапи и ансамбл од Унгарија и тоа е дополнителен квалитет. Но, точка на поврзување е и податокот дека започна иницијатива за поврзување меѓу општината Дистрихт 18 од Будимпешта со Општина Битола, и тоа е дополнителна симболика и убавина за вечерашниот настан. Нашиот фестивал од вечерва е побогат со фотографиите на Марк Горач, автор кој претставува моменти од подготвки за свадба, обичаи слични на македонските особено начинот на подготвка за свадба на зетот и невестата, посочи Илковски.
Во рамки на фестивалскиот „Културен Хорологион“ на вечерашниот културен настан говореше д-р Марјан Танушевски, кој потсети на некогашните амами во Битола кои датираат од времето на Сулејман Величествениот, со посебен осврт на Керим бегов амам познат и како Ески чифте амам, во кој имало посебен простор за невести кои пред свадбата доаѓале во амамот на т.н. ритуално чистење. Во градот денес освен Керим бегов амам, има остатоци од Дебој чифте амам и Јени амам.
Изложбата на фотографии „Унгарска свадба“ е поместена во фоајето на кино „Манаки“ во Битола и ќе биде отворена до 31 јули.ма/
Фото: МИА