До Општина Струмица досега се поднесени 139 барања за субвенции за купување велосипед
- Досега се поднесени 139 барања за субвенционирано купување велосипеди до Општина Струмица откако беше објавен Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните на почетокот на овој месец.
Струмица, 19 април 2022 (МИА) - Досега се поднесени 139 барања за субвенционирано купување велосипеди до Општина Струмица откако беше објавен Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните на почетокот на овој месец.
-Тоа значи дека планираните средства во висина од 800 илјади денари се уште не се потрошени и заинтересираните граѓани можат да поднесуваат барања се до завршувањето на повикот на 29 април, информираше градоначалникот Костадин Костадинов.
Тој ги повика граѓаните да го искористат субвенционирањето и да си купат велосипед.
Средствата што Општина Струмица ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 4.000 денари по лице.
Право на учество на Јавниот повик имаат жителите на Општина Струмица кои немаат искористено субвенција за купување на велосипед, а новиот велосипед да е купен во Република Северна Македонија од почетокот на април се до исцрпувањето на буџетот наменет за Јавниот повик, но не подоцна од 29 април 2022 година. рт/вј/