Доделени 13-Ноемвриските награди во областа на спортoт
- Градскиот сојуз на спортови попладнево на пригодна свеченост во СЦ „Јане Сандански“ ги врачи традиционалните награди „13 Ноември“ што годинава по 53. пат им беа врачени на заслужни спортисти, спортски работници, тренери и организации за остварен врвен спортски резултат и придонес во развојот на спорот во градот Скопје.
Скопје, 10 ноември 2023 (МИА) – Градскиот сојуз на спортови попладнево на пригодна свеченост во СЦ „Јане Сандански“ ги врачи традиционалните награди „13 Ноември“ што годинава по 53. пат им беа врачени на заслужни спортисти, спортски работници, тренери и организации за остварен врвен спортски резултат и придонес во развојот на спорот во градот Скопје.
Годинашното врвно признание кое се доделува од 1970 година во категоријата спортист му беше врачено на кик боксерот Бобан Илијоски од клубот „Шампион“ за освоениот златен медал на Европското првенство во дисциплината лоу кик во категоријата до 87 килограми.
Добитник на наградата за најдобар тренер е Игор Паскоски од Џудо клуб Миоки – Скопје, и воедно селектор на македонските џудо селекции со бројни медали на европски и балкански првенства изминатите години.
Наградата за спортски новинар ја доби Јана Серафимовска од телевизија Телма, која е автор на спортската емисија „Фер Плеј со Јана“.
За спортски работник – судија, наградата „13 Ноември“ ѝ беше врачена на Ива Пројковска, која е меѓународна судијка во фудбал со дводецениско искуство и воедно прва судијка што судела на натпревар во Првата машка македонска фудбалска лига.
Наградата за спортски работник за животно дело ја доби легендата на македонската одбојка Владимир Богоевски, а за спортски работник, исто така, е награден поранешниот одбојкарски репрезентативец Зоран Карановиќ, кој е актуелен генерален секретар на Одбојкарската федерација на Македонија.
За својата огромна поддршка и соработка во сите спортски настани на територијата на Скопје награда беше врачена и на Црвениот крст.
Скопската Гимназија „Никола Карев“ е добитник на наградата „13 Ноември“ за освоеното прво место на Европското првенство во кошарка во машка конкуренција, додека професорот по физичко образование, спорт и здравје од Основното училиште „25 Мај“. Јетон Муслиу, а награден за особен придонес и развој на училишниот спорт во Скопје. ег/ев/
ФОТО: МИА