• понеделник, 25 ноември 2024

Добржински: Полската новинска агенција ПАП најверојатно е цел на руски кибер напад

Добржински:  Полската новинска агенција ПАП најверојатно е цел на руски кибер напад

Варшава, 31 мај 2024 (МИА) - Полската државна новинска агенција ПАП денеска најверојатно беше погодена од руски кибер напад, изјави Јацек Добржински, портпарол на полскиот министер за координација на специјалните служби, по лажниот напис на сајтот на агенцијата за мобилизација на полската војска за борби во Украина.

Добржински на платформата Х напиша дека Министерството за дигитализација и полската агенција за внатрешна безбедност реагирале веднаш поради можен руски кибер напад врз ПАП.

Британските медиуми го цитираат шефот на кабинет на полскиот премиер, Јан Грабиец, за тоа дека полските специјални служби го истражуваат инцидентот.

 ПАП, исто така, соопшти дека го истражува инцидентот, наведувајќи дека денеска во вестите на агенцијата двапати се појавил лажен напис, во кој се наведува дека полскиот премиер Доналд Туск ќе мобилизира 200.000 лица да се борат во Украина.

ПАП објави дека двата пати го повлекла лажниот напис.

Руската амбасада во Варшава соопшти дека нема сознанија за инцидентот и одби дополнително да коментира.

  Варшава постојано ја обвинува Москва дека се обидува да ја дестабилизира Полска поради нејзината улога во обезбедувањето воена помош за Украина, обвинение што руските власти го негираа.сд/

фото:ЕНР

Остани поврзан