• петок, 11 октомври 2024

Димитриевски се сретна со Тошковски и Дачиќ во Општина Куманово

Димитриевски се сретна со Тошковски и Дачиќ во Општина Куманово

Куманово, 10 октомври 2024 (МИА) - Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски денеска се сретна со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и со вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ. Во изјавата за медиумите по средбата во општина Куманово, Димитриевски рече дека е чест и задоволство што двајцата министри се во посета на градот. Тој кажа дека е важно да се градат мостови на пријателства.

- Ми претставува чест и задоволство што тука се две високи делегации. Првата која ни доаѓа од братска Република Србија претставена од вицепремиерот во Владата министерот за внатрешни работи од Србија, Ивица Дачиќ и нашиот министер за внатрешни работи со неговата висока делегација, Панче Тошковски. Разговаравме на повеќе теми, само го потврдивме тоа што сите го знаат дека граѓаните на општина Куманово, македонскиот и српскиот народ, биле се и ќе бидат блиски, ние сме должни да ги градиме тие мостови на пријателство, изјави Димитриевски.

Тој се заблагодари на најавите кои ги дал српскиот вицепремиер за соработка на Куманово со општини од Србија, како и за придонесот на македонското министерство за внатрешни работи за јавната безбедност во градот.

- Му благодарам на вицепремиерот место на владата на Република Србија што отворено се понуди за каков било вид соработка и на централно и на локално ниво, со општините, а воедно и на нашиот министер за внатрешни работи во делот на придонесот што го даваат како ресорно министерство во делот на јавната безбедност и сето она што тие го покриваат, изјави Димитриевски.

Работната посета ќе продолжи во текот на денот. ам/са/

Фото: МИА

Остани поврзан