• недела, 22 декември 2024

Очекувам ЕУ да има јасна стратегија за нас, вели Сиљановска-Давкова

Очекувам ЕУ да има јасна стратегија за нас, вели Сиљановска-Давкова

Скопје, 10 октомври 2024 (МИА) – Претседателката Гордана Сиљановска Давкова очекува Европската Унија да има јасна стратегија и за нас по одлуката за одвојување на Албанија.

Не треба, според Сиљановска Давкова, да докажуваме дека отсекогаш сме биле дел од Европа, дека сме компатибилни.

- Јас сакам, дали во рамките на Берлинскиот процес, дали во рамките на она што следи сега, ЕУ навистина да манифестира јасна стратегија за нас... Се надевам ќе се создаде конзистентна политика на проширување – со почитување на Копенхагенските критериуми, вели Сиљановска Давкова во интервју на ТВ 21.

Прашана како земјава ќе влезе во ЕУ, Сиљановска Давкова посочува со работа на владеење на правото.

-Тоа ќе се случи најпрво со работа на владеење на правото, најважниот доказ за владеењето на правото е битката безпоштедна со корупцијата и криминалот. Нашата ќе се случи со европски стандарди во образование, здравство, социјална заштита. Добрососедството, не само ние да го покажуваме и докажуваме, туку и нашето соседство, вели Сиљановска Давкова.

Претседателката Сиљановска Давкова, меѓу другото, истакна дека јасно е оти преговарачката рамка нема да се менува.

-Не говорам јас за промена на преговарачка рамка, мене ми е јасно дека гласале сите, јас зборувам за нејзиното спроведување, со интерпретација. Им го кажав и во Обединетите Нации на сите со кои се сретнав дека, ако велат дека Преспанскиот договор е „пакта сунт серванда“, да прочитаат добро што значи Македонија за втората страна - безименава територија, народ, со своја историја, култура и јазик. За што разговараме ние со Бугарија? За историја, за култура, за јазик. Извинете, Грција прво како потписник на Преспанскиот, ама и ЕУ треба да укажат дека - нека си разговараат во комисијата историчарите, ама не може тоа да биде причина за вето, за тоа треба добра волја. Не може констутивен фактор да биде МНР Османи, изјави Сиљановска Давкова.

Референдумското прашање, посочи Сиљановска Давкова, беше дали сте за членство, а не за почеток на преговорите, а ние, нагласи таа, „ниту почнавме преговори, ниту сме членка“.

Бугарија, вели Сиљановска-Давкова има Совет за малцинство, во кое го нема македонското малцинство, како и дека Бугарија е потписник на Конвенцијата на заштита на правата на малцинствата. аа/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан