• сабота, 14 декември 2024

Дигитализацијата е добар начин за борба против корупцијата, институциите и бизнис секторот треба активно да бидат вклучени во борбата

Дигитализацијата е добар начин за борба против корупцијата, институциите и бизнис секторот треба активно да бидат вклучени во борбата

Скопје, 13 декември 2024 (МИА) – Корупцијата е двонасочен процес и во неа може да се вклучени  и институциите и бизнис секторот заради што и двата чинители треба да бидат активно вклучени во борбата против корупцијата, е заклучокот од денешниот настан на тема „Партнерството помеѓу бизнис секторот, институциите и граѓанските организации во борбата против корупцијата, организиран од Стопанската комора и Транспаренси Интернешнл – Македонија.

Беше нагласено дека дигитализацијата е добар начин за борба против корупцијата и дека таа треба да претставува клучна алатка за борбата против ова зло кое го кочи развојот на земјата заедно со координацијата меѓу институциите.

Како што истакна претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, борбата против корупцијата е врвен приоритет на комората, а бизнисот сака да се бори против корупцијата зошто е една од нејзините жртви.

-Имаме намера да се интензивира борбата против корупцијата и ќе соработуваме со институциите на сите нивоа. Упорноста е единствен лек во борбата против корупцијата и секогаш треба да се изнесува вистината. Од декларативна борбата против корупцијата треба да прерасне во конкретна. Очекувам во декември 2025 година, кога ќе го одбележуваме 9 Декември – Денот на борбата против корупцијата да зборуваме за конкретни активности кои сме ги спровеле, рече Азески.

Претседателот на Транспаренси интернешнл – Македонија, Благоја Пандовски посочи дека бизнис секторот, економскиот раст на државата и корупцијата претставуваат триаголник кој во себе има многу врски и е директно поврзан со економскиот развој на една земја.

-Корупцијата од една страна го уништува бизнис дејствувањето и оневозможува одредени стопански субјекти да дојдат до одредени позиции во државата и до остварат определени бизнис права поради некои други чинители кои можат да бидат и од други сфери кои со одредени коруптивни дејствија ги попречуваат чесните бизнисмени за да го остварат своето право на деловно дејствување. Сето тоа влијае многу негативно како за домашната бизнис сфера, така и за странските инвестиции, рече Пандовски и додаде дека и невладините организации имаат голема улога во борбата против корупцијата, бидејќи вклучувањето на јавноста секогаш предизвикува јавна дебата која е еден од главните начини на дејствување во демократско општество.

Нагласи дека се изготвуваат етички кодекси за бизнис секторот, принципи за интегритет и транспарентност, дигитални алатки за пријавување на корупција,...

-Во претпријатијата треба да се заштитат укажувачите, бидејќи многу често може да ја спречат корупцијата во зародиш, рече Пандовски и посочи дека Транспаренси Интернешнл  активно учествува во изработката на законот за заштита на укажувачите.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски порача дека кога сите процеси се автоматизирани и дигитализирани, шансите за манипулации и злоупотреби значително се намалуваат, што води кон поодговорно и потранспарентно општество.

-Нашиот пат кон дигиталната трансформација е јасен и не се откажуваме од него. Како Министерство, остануваме посветени на создавање на поефикасни и поодговорни институции. Без одлагање, мораме да продолжиме да работиме во правец на почитување на принципите на владеење на правото, транспарентноста, и борбата против корупцијата, истакна Андоновски.
Објасни дека дигиталната трансформација има ефект во два значајни дела - превенција и комуникација на институциите. 

-Преку иницијативата Смарт МК, досега се додадени над 80 нови електронски услуги на националниот портал, при што е забележан импресивен раст од 152% во нивното користење од страна на граѓаните. Имаме потенцијал заедно да создадеме нова култура на дигитална транспарентност, култура која не само што ќе го намали просторот за корупција, туку и ќе ја зголеми довербата во институциите. За да ги постигнеме овие цели, мора да продолжиме да инвестираме во дигиталната инфраструктура и во образованието на граѓаните, нагласи Андоновски.

Нагласи дека со дигиталното водење на процесите се гарантира транспарентност преку електронски потпис, електронски документи со поголема точност и побрз пристап до услуги.

Членот на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) Сервет Демири порача дека приватниот сектор игра клучна улога во градењето на клима отпорна на корупцијата, а од огромна важност, како што кажа, е компаниите да ги штитат укажувачите.

-Компаниите се мотор на секоја економија, а корупцијата во нивните редови може да ја наруши конкуренцијата, да ја намали довербата на потрошувачите и да ја поткопа транспарентноста на пазарот. Затоа од особена важност е компаниите да ги следат новите трендови кои ги користат развиените земји со развивање јасни контексти на однесување на лицата за внатрешна контрола, обезбедување на доверлив систем за заштита на оние кои ќе пријават корупција, но и континуирана соработка со надлежните институции од оваа област и со граѓанските организации кои работат на полето на спречување на корупцијата, рече Демири.

Сашо Јаковчевски од Државниот завод за ревизија посочи дека дигитализацијата е добар начин за борба против корупцијата и затоа, како што рече, на сите треба да им се овозможи еднаков пристап до неа.

-Дигитализацијата има голем потенцијал да биде еден од клучните инструменти за борба против корупцијата и да ги спречи коруптивните активности. Дури 140 закони се  уште не се усогласени со законите за дигитализација што е еден од главните основи каде мора да се напредува ако сакаме да имаме успешна и целосна дигитализација и  да ги осетиме потенцијалите од дигитализацијата на услугите, рече Јаковчевски. вј/нд/  

Фото: МИА

Остани поврзан