• петок, 22 ноември 2024

ДЗР: Претпазливо да се управува со јавните финансии, зголемениот јавен долг бара одржлива фискална политика

ДЗР: Претпазливо да се управува со јавните финансии, зголемениот јавен долг бара одржлива фискална политика

Скопје, 9 јули 2024 (МИА) - Потребно е претпазливо управување со јавните финансии преку одржливо ниво на јавен долг и соодветна фискална политика иако е дизајнирана системска сеопфатна правна и институционална рамка за управување со јавниот долг и покрај позитивните оценки од ЕУ и ММФ за процесот на сервисирање на долгот поради достигнатото ниво на јавен долг од 62,1 отсто од БДП на 31.12.2023 година и обврските за еврообврзниците кои доспеваат во периодот 2025-2028 година, порачува Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Според ДЗР, во периодот од 2025 до 2028 година ќе доспеваат за плаќање издадените еврообврзници, што може да создаде неизвесност во ефикасноста на
сервисирањето на долгот поради зголемените потреби за финансирање на државата. Ова го покажува ревизијата на тема „Ефикасност на мерките и политиките за сервисирање на јавниот долг“ извршена за да се даде одговор на прашањето: „Дали мерките и политиките за сервисирање на јавниот долг се ефикасни и во функција на навремено и точно плаќање на обврските, со најнизок трошок и прифатлив ризик?“.

Ревизијата беше фокусирана на оценка на активностите и спроведување на функциите на системот и процесите за сервисирање на јавниот долг, а беа опфатени мерките и политиките за сервисирање на јавниот долг, односно расходите за сервисирање на обврските на јавниот долг прикажани во Буџетот на Република Северна Македонија за 2021, 2022 и 2023 година.

-Со ревизијата се нагласува дека иако се уште не се надминати фискалните правила утврдени со Законот за буџети, сегашното ниво на јавниот долг бара во иднина претпазливо управување со јавните финансии преку одржливо ниво на јавен долг и фискална политика со соодветно ниво на буџетски дефицит. За подобрување и унапредување на процесот на сервисирање на јавниот долг, ревизијата препорача неколку мерки кои вклучуваат анализа на институционалната рамка за управување со јавниот долг за намалување на оперативниот ризик, точно прикажување на финансиските потреби во Буџетот,
примена на анализа за одржливост на долгот при креирање на фискалната политика, дефинирање на јасна методологија за пресметка на долгот и анализа за прикажување на обврските за камати на долгорочни и краткорочни, истакнува ДЗР.  

Според проценката од ММФ наведена во Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2022-2025, долгот се оценува како „одржлив во основното сценарио. Сепак, од перспектива на ликвидност, потребите за финансирање го надминуваат прагот на висок ризик во основното сценарио“.

-Во Буџетот на Република Северна Македонија не се прикажани реалните бруто потреби за финансирање на државата што доведува до намалена транспарентност и нецелосно прикажување на приходите и расходите во Буџетот. Утврдените приливи и одливи за рефинансирање на долгот од издадени државни записи изнесуваат: 32.081.518 илјади денари за 2021 година, 32.951.956 илјади денари за 2022-ра и 34.893.631 илјади денари за 2023 година, наведува ДЗР.

Заводот потсетува дека зо Законот за извршување на Буџетот кој се носи секоја година предвидени се одредби со кои средствата за сервисирање на јавниот долг се извршуваат без разлика на планираната буџетска алокација за оваа намена, а примената на процедурите во процесот на сервисирањето на јавниот долг и воспоставеното електронското банкарство со НБРСМ овозможуваат навремено и точно плаќање на доспеаните обврски за сервисирање на јавниот долг.

-Во период на здравствена, енергетска и економска криза, Министерството за финансии и покрај неповолните пазарни услови (високи каматни стапки) обезбедило средства од официјални кредитори за буџетска поддршка по пониски каматни стапки од пазарните. Фискалната политика преку финансирање на буџетскиот дефицит има значајно влијание врз нивото и одржливоста на јавниот долг. Состојбата на јавниот долг на 31.12.2023 година изразено во проценти изнесува 58,26 отсто од БДП, пресметано според проекциите за БДП на Министерство за финансии, додека според податоците објавени за БДП на Државен завод за статистика во март 2024 година за четврто тримесечје во 2023 година, пресметката на јавниот долг изразена во проценти изнесува 62,01 отсто од БДП. Согласно објавените официјални податоци на WEB страната на Министерството за финансии за првиот квартал за 2024 година, состојбата на јавниот долг заклучно со 31.12.2023 изразена во проценти изнесува 62,1 процент од БДП, истакнува ДЗР. мч/са/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан