• недела, 22 декември 2024

Деспотовски: Функционерите ќе бидат одговорни на луѓето, не на централата во Скопје

Деспотовски: Функционерите ќе бидат одговорни на луѓето, не на централата во Скопје

Скопје, 13 јуни 2024

 

Кандидатот за претседател на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Јован Деспотовски, од матичната месна организација “Владо Тасевски“ во Карпош, ја продолжи кампањата за партиските лидерски избори. Деспотовски пред сопартијците ја претстави програмата Нов почеток, нов СДСМ која се темели на враќање на силата на членството и нуди конкретни реформи за иднината на партијата. Дел од клучните реформи е професионализација на партијата, воведување на директен избор на носители на функции во партијата, градоначалници и пратеници, како и влијание на носење одлуки на сите партиски членови и структури.

„Нема повеќе сервирање готови решенија. Уште пред три години најавив воведување на директен избор на претседатели на општинска организација, кандидати за градоначалници, пратеници и повисоки партиски функции преку непосредно гласање на членовите. Веќе на следните локални избори, кандидатите за градоначалник на СДСМ, па и носителите на листи за советници ќе бидат гласани од членовите во секоја општинска организација. Нема да ги определува централата во Скопје, како досега. Ова е единствениот начин како градоначалникот и пратеникот да бидат одговорни кон луѓето, а не кон централата во Скопје,“ рече Деспотовски.

Тој посочи дека оваа програма е отворена за предлози и идеи.

„Учиме лекции од минатото, кога функционерите се отуѓуваа од луѓето. Затоа одговорноста сега се врти надолу кон членството и граѓаните, а не нагоре кон лидерот. Нема простор за импровизации, нема „криење“ од јавноста, пријателите, соседите. Мора да бидеме достапни и транспарентни и да комуницираме за сите отворени прашања,“ рече Деспотовски.

За Деспотовски, клучно во оваа фаза од изборите е да се обезбеди поголема регистрација на членовите за гласање. Регистрацијата се олеснува за сите оние што од различни причини ги немаат членските картички. Веќе е отворена можноста за регистрација само со матичен број.

„Основна задача за сите нас што сме денес тука е да поттикнеме што е можно поголем број на наши сопартијци да се регистрираат за гласање. Учеството во изборите е клучно да имаме чист и фер процес, во кој никој освен избирачите нема да има контрола. Со поддршка на стотици наши членови веќе направивме систем во кој ќе обезбедиме секој глас да се евидентира правилно и резултатот на крај да ја отслика волјата на луѓето, а не на партиските струтури и центри на моќ. Само така СДСМ ќе победи на 30.06“.

СДСМ - Кандидатот за претседател на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Јован Деспотовски

Фото: СДСМ -  Кандидатот за претседател на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Јован Деспотовски

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан