• понеделник, 18 ноември 2024

Десетици илјади луѓе во Израел излегоа на протести, барајќи договор за ослободување на заложниците во Газа

Десетици илјади луѓе во Израел излегоа на протести, барајќи договор за ослободување на заложниците во Газа

Тел Авив, 8 септември 2024 (МИА) - Десетици илјади луѓе протестираа синоќа во Тел Авив и други израелски градови за постигнување договор за ослободување на околу 100 заложници кои се држани од палестинската милитантна група Хамас во Појасот Газа, пренесе ДПА.

- Не смееме да жртвуваме повеќе животи,  изјави роднина на заложничката Кармел Гат, која беше пронајдена мртва минатата недела во Газа. Израелското Министерство за здравство објави дека шест лица биле убиени од блиско растојание минатата недела, а нивните тела биле пронајдени во тунел.

- Шесттемината ќе беа овде со нас денеска доколку израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху речеше „да“ за договорот, изјави роднина на Гет.

Според Израел, Хамас сè уште држи 101 лице како заложници во Газа, иако не е познато колку од нив се живи.

Индиректните преговори за нивно ослободување, со посредство на САД, Египет и Катар, се во застој со месеци. Преговарачите бараат договор кој ќе стави крај на војната во Газа и ќе вклучи повлекување на израелската војска од Појасот и ослободување на илјадници палестински затвореници од израелските затвори.

Критичарите го обвинуваат Нетанјаху дека го попречува договорот со прекумерни барања, како што е постојаното распоредување на израелски трупи на стратешките точки во Појасот Газа.

Нетанјаху ја предводи коалицијата која вклучува и екстремно десничарски партии кои се противат на какви било отстапки за Хамас и се заканија дека во спротивно ќе го напуштат кабинетот, што ќе доведе до колапс на владата. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан