• четврток, 19 март 2026

„Ден на водата“ – заеднички еколошки проект на училиштата од Делчево

„Ден на водата“ – заеднички еколошки проект на училиштата од Делчево

Делчево, 18 март 2026 (МИА) - Средното општинско училиште „Методи Митевски - Брицо“ од Делчево, во соработка со општинските основните училишта „Ванчо Прке“ и „Св. Климент Охридски“, започнаа со реализација на проектот „Ден на водата“, насочен кон јакнење на еколошката свест кај младите.

Целта на проектот е да се поттикне соработката меѓу училиштата и да се зголеми свесноста кај учениците за значењето и заштитата на водата како еден од највредните природни ресурси.

-Во рамки на проектот се предвидени повеќе активности, меѓу кои формирање ученички тимови од средното училиште како носители на активностите, во кои ќе бидат вклучени и ученици од основните училишта. Ќе се организираат показни вежби и демонстрации од областа на природните науки, истражувања во природа, набљудување на живиот свет, како и изведување едноставни научни експерименти, информираа од училиштето.

Во рамки на денешниот настан преку едукативни игри учениците имаа можност на интерактивен начин да ги продлабочат знаењата од географија, додека резултатите и текот на активностите ќе бидат промовирани преку социјалните мрежи и локалните медиуми.

-Со реализацијата на проектот се очекува подобрување на меѓусебната соработка, развивање на практични и истражувачки вештини кај учениците, како и зголемена грижа за животната средина, додадоа од делчевската гимназија.

Со овој проект, СОУ „М.М.Брицо“ Делчево ја продолжува традицијата на организирање едукативни и еколошки иницијативи, со кои младите се поврзуваат со природата и се поттикнува нивната одговорност кон нејзината заштита. вс/

Фото: МИА
 
 
 
 

Остани поврзан