• четврток, 19 март 2026

Мицкоски на конгрес на Европската народна партија, уште една потврда за цврстата евроинтеграциска определба

Мицкоски на конгрес на Европската народна партија, уште една потврда за цврстата евроинтеграциска определба

Скопје, 18 март 2026 (МИА) - Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со партиска делегација, од денеска до 20 март, ќе присуствува на конгресот на Европската народна партија во Брисел, на кој се поканети и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, соопшти прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму истакнуваат дека присуството на конгресот е потврда за цврстата определба на Република Македонија за европската интеграција, како и дека таа можност ќе се искористи за билатерални средби со присутните претседатели, премиери и лидери од семејството на Европската народна партија.

Според најавата, Мицкоски со делегацијата, во чиј состав се партискиот генерален секретар, Драган Ковачки, и членот на Извршниот комитет, Стефан Андоновски, ќе присуствува на свеченоста на Европската народна партија, која во Брисел свечено ќе ја одбележи 50-годишнината на ова политичко семејство, пет децении централна улога во изградбата на Европа, обликувајќи ја нејзината насока и бранејќи ги нејзините основни вредности.

- Присуството на премиерот Мицкоски и на делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ на овој висок собир претставува потврда за цврстата определба на Република Македонија за европска интеграција, како и за активна вклученост во процесите што ја дефинираат иднината на Европа. Воедно, ова учество е значајна можност за афирмација на националните интереси и за зајакнување на позицијата на државата во рамките на европското политичко семејство. Оваа можност ќе биде искористена за билатерални средби на Мицкоски и на партиската делегација со присутните претседатели, премиери и лидери од семејството на Европската народна партија - велат од ВМРО-ДПМНЕ. лв/паг/

фото: МИА архива 

Остани поврзан