Дел од јагнињата останаа непродадени, реагираат сточари од штипско и радовишко
- Сточарите од Плачковичкиот регион во штипско и радовишко реагираат дека нема откуп на јагнињата. Усеин Алиов сточар од штипско вели дека во неговото бачило се уште има јагниња кои не се откупени, поголем дел од нив веќе и пораснале, односно ја надминуваат тежината која ја бараат откупувачите. Смета дека цената во кланиците од 220 до 230 денари за килограм жива мера е неисплатливо за нив, додека приватните откупувачи има нудат цена од 300 денари за килограм, но во тој случај ќе ги изгубат субвенциите.

Штип, 6 март 2025 (МИА) - Сточарите од Плачковичкиот регион во штипско и радовишко реагираат дека нема откуп на јагнињата.
Усеин Алиов сточар од штипско вели дека во неговото бачило се уште има јагниња кои не се откупени, поголем дел од нив веќе и пораснале, односно ја надминуваат тежината која ја бараат откупувачите. Смета дека цената во кланиците од 220 до 230 денари за килограм жива мера е неисплатливо за нив, додека приватните откупувачи има нудат цена од 300 денари за килограм, но во тој случај ќе ги изгубат субвенциите.
-Имам 500 овци, ама нема откуп, само се мачиме, јагнињата не ги купуваат оти се големи, а 15 до 20 килограми јагне нема исплатливост да се продаде. Ако ги продадеме приватно тогаш немаме субвенции. Има приватни откупувачи кои даваат по 300 денари, а во кланица 220 до 230 денари по килограм, рече Алиов.
Кемаил Исмаилов додава дека одгледување е веќе неисплатливо, бидејќи работата со овци е макотрпна, храната за нив е скапа, а цената е ниска за продадено јагне. Лани јагнињата се продаваа по цена од 300 денари за килограм жива мера, со што годинава речиси за една третина е намалена. Сточарите бараат навремен откуп на јагнињата со цел да продолжат да работат, а според нив цената на жива мера јагне треба да биде најмалку 300 денари. Се надеваат дека пред католичкиот Велигден откупот на јагнето ќе се зголеми. вдј/дма/
Фото: МИА