• понеделник, 20 мај 2024

Делчево денеска одбележува 79 години од ослободувањето и 32 години од независноста на државата

Делчево денеска одбележува 79 години од ослободувањето и 32 години од независноста на државата

Делчево,  8 септември 2023 (МИА) - Делчево денеска одбележува 79 години од ослободувањето и 32 година од независноста на државата. Чествувањетo на двата значајни датуми од историјата на Делчево, започна пред споменикот на паднатите борци во центарот на градот кој го чува споменот на паднатите борци во НОВ од делчевскиот крај. 

Пред споменикот се поклонија и свежо цвеќе положија: министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и градоначалникот Горан Трајковски, делегација од Советот на Општина Делчево, Претеставници од Здружението на борците, претставници на институции, здруженија на граѓани и политички партии. 

Во чест на празникот на градот се одржа и свеченост на која се обрати градоначалникот Горан Трајковски, кој зборуваше за актуелните проекти кои се во насока на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

-Денешно Делчево е плод на големата храброст и пожртвуваност на слободоумните и бестрашните борци за слобода кои ги удрија темелите на слободно Делчево, на сите повоени дејци и лидери кои го одбележаа патот на развојот за нашето гратче, распослано на двата брега на Брегалница, да расте, да се развива, да раѓа нови приказни, да се создаваат нови спомени, да се ткае животот во современа урбана средина. Нивното дело е аманет и наш мотив. Нашата генерација има света должност и обврска да продолжи по тој пат, да го гради нашето Делчево, во европска урбана средина и со нашето родно место да се гордееме, да создаваме услови за раст на градот во кој ќе живеат задоволни граѓани. Во Делчево во моментов се инвестираат проекти во висина од над 350 милиони денари. Тоа е нашиот одговор и предизвикот на нашето време и одговараме со проекти, резултати и дела. Продолжуваме понатаму за да ја оствариме нашата визија Делчево –европско, со сите нишани и задоволни граѓани, посочи Трајковски. 

Тој истакна дека изминатава година беше тешка за Делчево, поради силното невреме и поплавите и изрази јавна благодарност до сите кои помогнаа на Делчево, а во знак на благодарност беа доделени признанија и благодарници. 

-Овој свечен ден го посветувам на сите нив, но и на солидарноста и хуманоста. Во една кризна состојба од широки размери се роди хуманоста за Делчево. Изразувам јавна благодарност до Владата на РСМ која одвои средства за санација на оштетената  инфраструктура и до АРМ која со механизација и инженерски тим работеа на санација и чистење на ендеците и водотеците. Посебна благодарност изразувам до Општините: Свети Николе, М.Каменица, Штип, Струмица, Куманово, Прилеп, до фирмите Кредисимо, ЕСИ, Амбасадор, Брегал, до Весна Илиевска, Атанаско Митрев, Љупчо Чулев за донираните средства на кои до денес се уплатени околу 2 милиони денари, средства кои ќе се употребат за санација на дел од последиците од невремето во Делчево, рече Трајковски. 

Во рамките на Програмата за одбележување на празникот на градот, вечерва со почеток во 19 часот ќе се одржи Меѓународен фестивал на хумор, сатира и култура, а в сабота ќе се одржи Меѓународниот фолклорен фестивал „Делчево-фест“ и Пијанечко-малешевска свадба, а вечерта е резервирана за кабаре „Првиот Алцхајмер не се заборава“ во изведба на „Грбави танги“ од Белград. вс/љм/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан