• понеделник, 23 декември 2024

Делегација од Кисела Вода положи цвеќе пред Споменикот на жртвите од земјотресот во Скопје

Делегација од Кисела Вода положи цвеќе пред Споменикот на жртвите од земјотресот во Скопје

Скопје, 26 јули 2024 (МИА) - Делегација од Општина Кисела Вода предводена од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска положи свежо цвеќе пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, на гробиштата во Бутел, информираат од Општината.

-Секој 26 јули, стоиме заедно, со мисли и срца полни со почит и незаборав кон оние кои ги загубивме во катастрофалниот земјотрес што го погоди нашиот главен град пред точно 61 година. Овој споменик не само што го чува споменот за жртвите, туку и не потсетува на силата и издржливоста на нашиот град и на сите негови граѓани. По катастрофата, Скопје повторно се изгради, а ние, како општество, покажавме дека можеме да се издигнеме од пепелта и да продолжиме напред со обновена енергија и решителност, рекол Ѓорѓиевски.

Додека положуваме цвеќе пред овој споменик, нагласил градоначалникот на Општина Кисела Вода, ветуваме дека ќе продолжиме да се сеќаваме на нашите загинати сограѓани.

-Нивната жртва нема да биде заборавена, а нашата обврска е да направиме се што е во наша моќ вакви трагедии никогаш да не се повторат. Работиме на зголемување на безбедноста и подготвеноста на нашиот град, за да обезбедиме иднината на следните генерации. Нека овој ден биде потсетник за нашата заедничка одговорност и нека не обедини во нашата цел да создадеме побезбедна и посигурна иднина за сите нас, изјавил градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. сст/мд/

фото Општина Кисела Вода

Остани поврзан