• понеделник, 08 јули 2024

Дебата: Интеркултурализмот е стратешка инвестиција за европска Северна Македонија

Дебата: Интеркултурализмот е стратешка инвестиција за европска Северна Македонија

Скопје, 26 јануари 2024 (МИА) - Земјава има високо валоризиран нормативен систем на мултикултурализам, но во пракса недостига комуникација меѓу групите. Треба да се негуваат меѓусебното разбирање и заедничкото живеење на заедниците едни со други, а не едни покрај други. Образованието во оваа насока мора да зајакне, сегрегација не смее да има. Да останеме доследни на почитувањето на различностите по кои сме препознаени и многу специфични, но и на патот на интеркултурализмот зашто неговиот развој не е само прагматичен пристап, туку и стратешка инвестиција за европска Северна Македонија.

Ова беше истакнато на денешната јавна дискусија за нацрт-текстот на националната стратегија за развој на интеркултурализмот и општествената кохезија 2024-2026 на која присуствуваа владини претставници, граѓански активисти и експерти.

Стратегијата, како што посочија учесниците, цели кон интеграција без културна асимилација, јакнење на институциите во однос на интеркултурализмот, социјална кохезија и поинтегрирано општество без воспоставување системи за културно доминирање на едни групи врз други.

-Како граѓанин на оваа држава длабоко верувам во принципот „едно општество за сите“. во тоа дека дијалогот, толеранцијата и инклузивноста на различностите како принципи и вредности на политичко дејствување, може да дадат благороден плод за сите нас, независно од колективните или индивидуалните идентитети, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Според него, со прифаќањето и развојот на интеркултурализмот се создаваат можности за искористување на нашето различно наследство што води кон социјална кохезија и намалување на потенцијалот за внатрешна конфликтност.

-Интеркултурализмот од една страна е цврст темел на економските текови, а од друга отвора и пристап до резервоар од креативност, иновации и уникатни начини за решавање на различните проблеми, истакна вицепремиерот.

Министерот за образование Јетон Шаќири укажа дека според последните истражувања, се соочуваме со сериозен предизвик во однос на начниот на тоа како е организирана наставата во основните и средните училишта за децата кои учат на различен јазик и во овој сегмент, рече, мора да се работи.

-И покрај напорите што се вложуваат од сите чинители, истражувањата идентификуваат се уште различни предзвици во образовниот систем во однос на тоа колку образованието им овозможува на раличните ученици по која била основа да се сретнат, да соработуваат и да се спријателат едни со други. Во повеќејазичните училишта наставата е организирана така што ги превенира контактите меѓу учениците кои учат на различни јазици. Учениците од различни јазици главно комуницираат меѓу себе во наставни активности, се уште е мал бројот на училишта кои организираат заеднички наставни часови. Слични наоди даде и недоамнешното истражување за меѓуетничка интеграција и кохезија во основното и средното образование. Имајќи го ова предвид, во новата стратегија се утврдени три посебни цели, 15 мерки и активности за заеднички часови, превенирање физичка сегрегација по јазик, зајакнување на интеркултурните и јазичните компетенции на наставниците, нови учебници и наставни програми во основното и средното образование, како и ревизија на лектири со опфаќање автори кои припаѓаат на различни заедници, потенцира министерот.

Професорката Ана Чупеска Станишковска подвлече дека интеркултурализмот е исклучително битен за безбедноста, демократијата и развојот на државата, како и за нејзината натамошна ЕУ перспектива. Таа апелира политичките чинители да не се откажуваат од стратегијата зашто различноста, напомена, е нашето богатство по кое сме препознатливи. мч/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан