• недела, 28 април 2024

Гутереш: 7 октомври е ден на болка за Израел и светот

Гутереш: 7 октомври е ден на болка за Израел и светот

Њујорк, 7 април 2024 (МИА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш го нарече 7 октомври, денот кога палестинската милитантна група Хамас го нападна јужен Израел пред половина година, „ден на болка за Израел и светот“.

Гутереш во видео изјава објавена денеска на платформата „Х“ рече дека тој лично и организацијата на ОН жалат за 1.200 луѓе, главно цивили, „кои ладнокрвно беа убиени“ во нападот на Хамас пред шест месеци.

-Ништо не може да го оправда ужасот што Хамас го покрена на 7 октомври, посочи Гутереш и го осуди сексуалното насилство, тортурата, ранувањето и киднапирањето цивили и истрелувањето ракети врз цивилни цели. Тој повика на безусловно ослободување на сите заложници кои сè уште ги држат Хамас и другите вооружени групи.

На 7 октомври минатата година, палестинската милитантна група Хамас изврши ракетен напад, а потоа и упад на југот на Израел, кога беа убиени околу 1.200 луѓе, а повеќе од 200 од нив беа земени како заложници.

По нападот на Хамас, Израел воведе блокада на Појасот Газа и започна воена операција, во која, според последните податоци на здравствените власти во Газа, загинаа повеќе од 33.000 луѓе, а над 75.000 се ранети. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан