Грковска – Сикут: Граѓаните треба да бидат во фокусот на дигиталната трансформација на општеството
- Заменик претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска во рамките на дигиталната конференција „e-Governance“ во Талин, се сретна со естонскиот екс
Скопје, 11 мај 2022 (МИА) - Заменик претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска во рамките на дигиталната конференција „e-Governance“ во Талин, се сретна со естонскиот експерт за дигитализација Сим Сикут, кој имал клучна улога во процесот на дигитална трансформација на естонското општество.
Како што информираат од владината Прес-служба, вицепремиерката Грковска презентираше што досега земјава постигнала во делот на дигитализацијата, нагласувајќи дека при спроведувањето на натамошните реформи мора да се обезбеди координиран пристап, како и решенија кои понатаму само ќе се унапредуваат и надградуваат. Таа потенцираше дека Владата има цврста определба ефикасно да го спроведе процесот на дигитална трансформација на општеството.
Естонскиот експерт Сикут, пак, оцени дека во овој процес е важно да постои политичка волја во спроведувањето на оваа реформа, а во центарот на тој процес треба да бидат граѓаните.
- Вицепремиерката Грковска и господинот Сикут се согласија дека во центарот на сите промени треба да бидат граѓаните, кои се и корисници на услугите и сопственици на податоците. Сите промени во насока на унапредување на ефикасноста на институциите и заштедата на времето, се промени кои граѓаните ќе ги прифатат, независно од тоа дали на почетокот ќе биде унапредување на знаењето или на одредени вештини, се наведува во соопштението.
Претходно, во текот на денот, вицепремиерката Грковска имаше средба со претседателот на Естонија Алар Карис, со кого разговараа за предностите што дигитализацијата на општеството ги обезбедува за сите граѓани.
- Двајцата соговорници се согласија дека многу е важно државата да има координиран пристап во сите чекори што ги презема во делот на дигитализацијата и оценија дека искуството на Естонија во овој сегмент може многу да помогне, стои во соопштението.
Вицепремиерката Грковска, во рамки на Проектот за унапредување на дигитализацијата на Република Северна Македонија, а во соработка со естонскиот Центар за меѓународен развој и со поддршка на Соединетите Американски Држави, е во тридневна посета на естонските институции кои се носители на естонското дигитално општество. вг/сп/