Советот на јавни обвинители ја потврди одлуката на републичкиот обвинител за суспендирање на Хајрулахи
- Советот на јавни обвинители донесе одлука со која го потврди решението за оддалечување од функцијата на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, донесено од страна на Републичкиот јавен обвинител. Жалбата на Хајрулахи е одбиена како неоснована.
Скопје, 18 ноември 2024 (МИА) - Советот на јавни обвинители донесе одлука со која го потврди решението за оддалечување од функцијата на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, донесено од страна на Републичкиот јавен обвинител. Жалбата на Хајрулахи е одбиена како неоснована.
Советот денеска ја донесе одлуката со седум гласа „за“, и еден „против“ по расправата од која јавноста беше исклучена поради заштита на интегритет на обвинителот.
- Се потврдува одлуката со која вишиот јавен обвинител, Мустафа Хајрулахи, се оддалечува од функцијата вршење јавен обвинител за време додека трае кривичната постапка. Да се потврди решението, а жалбата да се одбие како неоснована, рече претседателката на СЈОРМ, Душица Димитриевска.
Кети Петкова смета дека одлуката треба да се преиначи бидејќи според неа републичкиот обвинител со решението за суспендирање на Хајрулахи го крши Законот за јавно обвинителство и задира директно во правата и самостојноста на јавните обвинители.
- Републичкиот обвинител во крши Законот за јавно обвинителство, задира директно во правата и самостојноста на јавните обвинители. Од формален аспект постоење и водење на кривична постапка значи суспендирање на обвинителот против кого се води постапката, меѓутоа, Советот, освен формалниот аспект, треба да се занимава со дејствијата што претходат на постапката. Недопустливо е повод за суспензија да биде кривична пријава за мобинг, рече таа.
Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, откако беше суспендиран од функцијата, на прес-конференција обвини дека кривичната пријава поднесена против него од страна на Републичкиот јавен обвинител, има тенденцијата да го отстрани и замолчи, како и да ги заплаши и другите колеги кои што постапуваат согласно законот, а сѐ со цел, како што рече, да се донесат нарачани одлуки.
Одлуката за суспендирање на Хајрулахи дојде откако Основното јавно обвинителство Штип донесе наредба за спроведување истражна постапка против Хајрулахи, за кого постои основано сомнение за сторено продолжено кривично дело „малтретирање во вршење на службата“ од член 143, како и за продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик. ар/бак/
Фото: МИА архива