• вторник, 08 октомври 2024

Горе доле по средна Босна, до неверојатнo туристичкo откритие 

Горе доле по средна Босна, до неверојатнo туристичкo откритие 

Травник, 9 септември 2024 (МИА) - Кога ќе се спомене Босна и Херцеговина, многумина чуле за Сараево, Мостар или за Меѓумурје, но малкумина знаат или ја посетиле средна Босна. Тоа се пределите околу градовите Травник, Крешево, Кисељак, Фојница, Витез и Нови Травник. Преубави, шумовити предели, богати со руда, со традиција и историја. Според претседателката на Федерацијата БиХ, Лидија Брадара, ова е столбот на БиХ.

- Мислам дека ние веќе 30 години по војната, сме генерација која созреа, која треба да се движи во иднината. Се определивме за европскиот пат и на тој пат треба да ја зачуваме животната средина и треба да ја развиваме економијата, т.е. тоа што го имаме. Не можеме да ја развиеме тешката индустрија бидејќи немаме капацитет и за среќа веќе немаме такво производство, вели Брадара во изјава за МИА.

Под покровителство на претседателката на Федерацијата Босна и Херцеговина и Владата на Кантонот Средна Босна, поддржано од општините Нови Травник, Крешево, Кисељак, Фојница и Травник, група новинари од поранешна Југославија, меѓу кои беше и МИА, крстареше горе-доле по средна Босна, откривајќи како автохтоните специфики, традицијата, гостопримливоста  и топлината на жителите на средна Босна може да биде мошне интересна и неверојатна туристичка понуда. 

Повеќето места што ги посетивме главно се занимаваат со мала економија, многу луѓе се занимаваат и со земјоделство, а имаат и одредени автохтони производи.

- Многу е важно да ја зачуваме нашата историја, да ја зачуваме нашата традиција, култура, идентитет, a нашите различности повеќе да не обединуваат отколку што не разделуваат. Ние имаме свој идентитет кој е специфичен, тоа е средна Босна и тоа е нешто што не разликува од другите области, нагласува Брадара.

За да истражувате повеќе дена „горе-доле“ по овие предели треба да имате појдовна точка. И не се двоумете, нема да згрешите доколку се определите и се сместите во туристичкото одморалиште -„Чардаци“ крај местото Витез. Уникатен комплекс кој нуди комбинација на автентични градби во духот на босанската традиција и модерното сместување во идилично природно опкружување, покрај канал богат со риби и патки, вештачки езерца опкружени со бујна вегетација. Има различни услуги и капацитети, вклучувајќи луксузни соби и апартмани, етно куќи, велнес центар, базени, пивница, ресторани со локална и интернационална кујна и разни рекреативни активности.   

- Како во времето на бивша Југославија, тука пред се ќе бидете прифатени. Го градиме и се обидуваме да го понудиме амбиентот на опуштена атмосфера, простор кој ве прифаќа и кој има топлина, вели сопственикот на Чардаци Мирко Шакиќ. 

Всушност таа босанска срдечност и топлина, тој голем босански дух беше неизоставен во деновите на престојот во средна Босна, а нас прва дестинација од Чардаци и Витез ни беше Крешево. 

Во Крешево на „Потковање на јајца“

Оваа општина е позната по автохтоните стари куќи, вековното рударење на сребро и изобилството на минерали, неколку сеуште активни ковачи, најчисто уреденото село  Вранци и неверојатно богатиот со експонати музеј во фрањевачкиот манастир со црквата „Вознесение на блажена Девица Марија“ од 14 век кои даваат прилично јасна слика за животот на луѓето на овие простори.

Покрај богатата нумизматичка збирка, меѓу кои и на монети од античките Македонци, на кралот Аминта III, Филип II, Александар Македонски и др., тука е и делото или библијата за рударењето -„De re metallica“ (За металите), од Георгиус Агрикола, отпечатено во 1657 година.

Крешево е познато во цела БиХ и по стариот занает „Потковање на јајца“. Овде ја чувме легендата, која вели дека порано, ако ковачот не знаел да поткова јајце, тогаш не можел да се ожени и не можел да го издржува семејството.

Презентација на оваа легенда, вистинита во своето значење, ни ја покажа младиот Матео Ивичевиќ, кој пред нас вчудоневидените новинари ни „поткова повеќе јајца“.

- Ова се прави така што се зема кокошкино јајце. Потковицата е од олово што се топи и се обликува според секое јајце, се става во минијатурен калап за потковица или во други различни форми. Се исфрла содржината на јајцето и истото се суши, а потоа се ставаат малечките клинци врз или во јајцето и се прицврстува оловната потковица. И тоа е тоа, така се потковува јајце, вели Матео Ивичевиќ, посочувајќи дека занаетот го научил од татко му, овој од дедо мусо цел традицијата да се сочува до денес.

За спомен добивме „потковано јајце“, а по презентацијата на ковање на секири, се сместивме во нереално модернистичкиот хотел Адриале во Крешево, од каде утредента се упативме на наредната дестинација на нашето крстарење по средна Босна. Во Кисељак и Фојница.

Кај „Хобитите“, на кисела вода во Кисељак и со босанки коњ во Фојница

И пак доживеавме неверојатно откритие. На патот од Крешево кон Кисељак, крај селото Ракова Нога неочекувано се најдовме во филмот „Господар на прстеновите“ или поточно во подземно туристичко село, буквална копија на Хобитите.

Не дочекаа три од четирите симпатични и горди сестри Миличевиќ, сите факултетски образовани. Населбата под земја, копија на Хобитите е нивна визија, а како што велат „имагинативни, претприемнички, креативни и сложни какви што се, веднаш се фатиле за работа, ги искажале нивните различни идеи и се договориле да изградат 6 куќи, 4 куќи за 4 сестри и две за родителите и секоја од нив да си ја уреди куќата по своја желба“.

- Јас како архитект правев планови и потребна документација, сестра ми Ведрана правеше економски пресметки и уметнички изрази, третата сестра Марија беше организатор и промотор на проектот, четвртата сестра Валентина собираше идеи и логистичка поддршка, татко ни ангажираше машини, работна и финансиска поддршка, мајка ми готвеше и нè хранеше додека цело лето го поминавме во работи, ни раскажа првата сестра Милијана. 

Oткако ги отвориле куќите, веднаш почнале да се полнат со гости, но и со резервации со месеци однапред. Цените се во зависност од сезоната и се движат од 60 до 120 евра, но сето ова вреди до последно евро, оти сте во реален филм на Хобитите во Средна Босна.

Тука, како увертира за следната дестинација вкусивме „кисељачка погача“ нешто многу вкусно, чија тајна се состои во водата, т.е. во киселата вода. Името го добива по градот  Кисељак или поточно по киселата вода која насекаде во овој град извира, кој има и свој парк на минералната вода, и каде можете колку сакате или колку можете бесплатно од чешма да пиете или точите кисела вода. И вкусна е навистина, и лековита, ја пиеле со векови уште Римјаните и Османлиите, а и Австро-унгарците. Кисељак го развива болничкиот и културен туризам, а флаширана вода засега се продава во БиХ и Хрватска.

Од Кисељак, горе-доле патувајќи се упативме во блиската Фојница. Тука соживотот го почувствуваме со посета на Атик џамијата и веднаш потоа на Фрањевачкиот манастир на Св. Дух. 

Во неговиот богат со експонати музеј се чува и реткиот „Фојнички грбовник“, еден од најпознатите грбовници во Илирската хералдика. Иако оригиналниот наслов на оваа книга е „Родослов на босанските, илирските и српските владетели“; напишан од поп Станислав Рубчиќ во 1340 година, византологот Александар Соловјев го датира во периодот меѓу 1675 и 1688 година, што го прави многу подоцнежна копија на одамна изгубениот оригинал на грбовникот на Охмучевиќ.

Содржи вкупно 139 грбови на територии и фамилии, меѓу кои е и можеби најстариот хералдички податок и грботот на Македонија (Macedoniae) со жолт лав на црвен штит и круна. Ете тука во Фојница се чува со векови, и може да се купи копија од овој вреден Фојнички грбовник, која чини пар стотини евра.

Од Фојница се упатиме кон слаповите на Козица, а она што не импресионира беше можноста тие да се искачат и посетат со помош на познатиот „босански брдски коњ“. Но и фактот што приказната и „дружењето“ со овие коњи може да биде добро туристичко искуство, добра приказна. Таа приказна ни ја даде Ламија Бектешевиќ, која после 30 годидни живот во Холандија се вратила во Фојница и основала ергела на босански брдски коњи.

Додека одевме со „босанкиот брдски коњ, Ламија ни раскажа дека тоа е автохтотна раса, коњ со челично тело, непропорционална цврстина, отпорен на болести, силна конституција и голема издржливост, многу добро прилагоден на климатските услови на областа во која живее, а се задоволува со скромна исхрана и сместување. Тој се движи многу вешто и пргаво и во најнепристапните планински предели, носејќи разни видови товари или разни видови јавачи, секогаш внимателен и безбеден. Би додале идеален за љубопитни туристи!

По босанските коњи, продолживме да крстариме кон фамилијарната винарија Пејчиновиќ во винарските и гастрономските специјалитети со прекрасни видиковци на средна Босна и назад кон Витез и туристичката населба Чардаци, крај вода, вегетација, на одмор....

Со нас, повеќето време покрај претседателката на Федерацијата БиХ Лидија Брадара, беше и Федералната министерка за животна средина и туризам Насиха Поздер. Со неа разговаравме, како Северна Македонија и БиХ како континентални држави кои немаат море и богати скијачки центри може да презентираат интересни туристички понуди.

- Имаме нешто што можеме да понудиме, а тоа се специфичните форми на туризам. Значи се уште имаме многу убава природа, имаме многу добра гастрономија и енологија која навистина можеме да ја понудиме на гостите кои доаѓаат. Имаме интересни селски- рурални домаќинства, го имаме она што луѓето сè уште сакаат да го видат, а тоа е автентичниот вкус и шмек кој што успеавме да го зачуваме. Мислам дека тоа е наша можност, но мислам дека е и можност за да ги поврземе нашите дестинации. Сè уште сме мала дестинација, без разлика кога зборуваме за Босна и Херцеговина, сега мислам на просторот на поранешна Југославија и мислам дека тоа е и простор за поврзување еве меѓу нас себе, изјави Поздер за МИА.

Травник со Иво Андриќ

Травник е административен и политички центар на централна Босна, седиште на истоимената општина и еден од најзначајните историски градови во БиХ. Травник има импресивно архитектонско и културно наследство кое датира од периодот кога овој град бил седиште на везирите во Отоманската империја, одговорни за босанскиот вилает. Стариот дел на Травник постои од времето на босанската независност во првата половина на 15 век. Градот е дом на бројни џамии (Шарената џамија), медреси, конаци, ханови и цркви. Најважен симбол е Стариот град-средновековната тврдина, која го надвисува целиот град.

Травник е познат и по гастрономската традиција, особено по највкусните сирења во БиХ, како и на најсочните ќебапи (чевапи) во регионот, „петка, десетка или петнаеска со кајмак во сомун“-за оние најхрабрите.

Така преку јадењето, дојдовме и до баклавите послужени со филџан турско кафе во амбиент на куќата каде е родена најславната личност во Травник, добитник на Нобеловата награда за книжевност- Иво Андриќ.

Во куќата музеј, ни презентираа една интересна приказна за Андриќ - дека тој во Травник всушност е роден случајно, бидејќи кога мајка му го носела во стомакот, биле на гости кај семејството што живеело таму. И затоа во овој мал град има свој меморијален центар, прекрасно уредена стара куќа во која има посветеност на животот на овој исклучителен писател. Не дознавме дали тука го напишал делото „Травничка хроника“ која верно го отсликува животот во Травник во 19 век, но уживавме во амбиентот на неговата родна куќа и една од неговите мисли: „Имаше толку многу работи во животот од кои се плашевме. А не требаше, требаше да се живее!“

Па затоа драги наши, шетајте и живеете, еден живот имате, ќе бидете духовно побогати, зошто не и горе-доле по средна Босна, има таа уште многу друго да понуди, од домашни пити и бурек до уникатни споменици на културата како што се стечците или споменикот на некрополата Смрике на академик Богдан Богдановиќ. И да, она највредното-босанската душа и гостопримливоста!

Оливер Бранковиќ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан