• понеделник, 16 декември 2024

Герасимовски: Бесплатниот транспорт до болница за лицата со попречености искористен 197 пати

Герасимовски: Бесплатниот транспорт до болница за лицата со попречености искористен 197 пати

Скопје, 3 декември 2024 

Почитувани,

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека проектот за бесплатен превоз до здравствените установи за сите полнолетни лица со попречености од Општина Центар се одвива во континуитет. Откако е почнат проектот во месец февруари 2024 година, реализирани се вкупно 197 превози, со што значително е олеснето секојдневието на семејствата што имаат членови со некаква попреченост.

Герасимовски, го посети четириесет и девет годишниот Роберт, лице со мултипла склероза и попреченост за да види како се имплементира проектот во соработка со Црвениот Крст на Град Скопје.

„Роберт е сопруг и татко на две прекрасни малолетни ќерки кој дава сѐ од себе да ги истурка на вистинскиот пат. Роберт е лице со мултипла склероза и попреченост, но со голема желба за посреќен живот. При вчерашната заедничка средба се воодушевив од неговиот позитивен став за животот - животна филозофија којашто сите ние мора да ја практикуваме без разлика на состојбата во која се наоѓаме. Роберт е задоволен од проектот за бесплатен превоз до здравствените установи за сите полнолетни лица со попреченост од Општина Центар. На Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3 декември Ве уверувам дека нема да се откажам од грижата за лицата со попречености, како што и самиот Роберт вели „нема откажување, одиме заеднички до подобар живот“, истакнува Герасимовски.

Проектот предвидува превоз до здравствените установи со наменски возила за корисници за лица над 18 години, кои користат ортопедско помагало (инвалидски колички, дубаци или одалки), а живеат на територија на Општина Центар-Скопје, како и лица над 18 години кои не користат ортопедско помагало, но поради болест се во лежечка состојба (неподвижни).

Општина Центар, продолжува да вложува во проекти што ја зајакнуваат социјалната и здравствената заштита за граѓаните.

Граѓаните кои имаат потреба од користење на оваа услуга, потребно е својот превоз да го закажат минимум 24 часа однапред јавувајќи се на телефонскиот број 02/15330, во контакт центарот на ЦКРСМ, секој ден (од понеделник до петок), од 06:00 до 00:00 часот. Со остварување на 1 телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник, до една конкретна дестинација.
Термин за превоз се закажува по принципот “прв дојден прв услужен”, а транспортот се врши од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот. Корисникот при закажување на термин за користење на наменско возило потребно е да даде целосни и вистинити податоци и тоа:
– Лични податоци (име и презиме, телефонски број за контакт и сл.)

– Потребата за користење на придружба за време на превозот со наменско возило и доказ за закажан термин во здравствена установа. Краток опис на здравствената состојба и/или состојбата во кој се наоѓа и причината заради која има потреба од превоз со наменско возило (доколку корисникот е подвижен превозот ќе се реализира со мало наменско возило, а доколку корисникот е неподвижен превозот се вржи со специјално наменско возило)

– Адресата на живеење, односно адресата од која е потребно да се реализира превозот, како и назив, како и адреса доколку ја поседува оваа информација на институцијата до која бара да биде превезен, датум и час на превозот, а во случај на потреба и временски период за враќање

- Податоци за лице и телефонски број на кој ова лице ќе биде контактирано во случај на итна потреба. Корисниците имаат право на бесплатен превоз во еден правец максимум 10 пати во текот на 1 година но доколку имаат потреба од повеќе истиот може да го платат согласно ценовникот на Црвен крст на Република Северна Македонија.


Со почит,

Општина Центар

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан