• недела, 22 декември 2024

Герапетритис: Меѓународната заедница да ја зајакне хуманитарната помош за Либан, Грција веќе испрати

Герапетритис: Меѓународната заедница да ја зајакне хуманитарната помош за Либан, Грција веќе испрати

Атина, 24 октомври 2024 (МИА) – Меѓународната заедница ќе треба да ја зајакне хуманитарната помош за Либан. Грција веќе испрати хуманитарна помош и ќе продолжи да го прави тоа преку Европскиот механизам за цивилна заштита и преку Канцеларијата за координација на Обединетите нации, порача министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис по учеството на Меѓународната конференција во Париз за поддршка на населението и суверенитетот на Либан, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија посочи дека е во постојана комуникација со либанската влада, за координација на активностите „за што е можно поголема помош во Либан“, објасни дека помошта што Грција ја испратила вклучува медицински и фармацевтски производи и други неопходни материјали и додаде дека ќе има и втора пратка, која веднаш ќе биде испорачана.

-Јасно е дека кризата во Либан има многу значајни влијанија и може да има уште полоши последици, имајќи го предвид фактот дека во Либан постојат десетици илјади мигранти, кои моментално се во апсолутно несигурна ситуација. Постојат луѓе, над еден милион, кои се раселени од своите домови. Постои целокупна хуманитарна криза со која треба да се справиме, истакна Герапетритис.

Паралелно додаде дека мора да се гарантира безбедноста на целиот регион во период кога „ситуација е исклучително сложена“. ср/ссм/

Остани поврзан