• петок, 22 ноември 2024

Галант против одлободување од воена служба на ултраортодоксните Евреи: Тоа е најважно прашање на националната безбедност

Галант против одлободување од воена служба на ултраортодоксните Евреи: Тоа е најважно прашање на националната безбедност

Тел Авив, 29 февруари 2024 (МИА) - Израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, повика на укинување на ослободувањето од воена служба за припадниците на ултраортодоксната еврејска заедница и додаде дека ќе го поддржи законот што ќе го реши проблемот само доколку министрите на партиите од центарот - Бени Ганц и Гади Ајзенкот - го поддржат.

Неговиот став, заедно со зголемениот притисок врз владата да најде решение за долго одложуваниот политички „жежок костен“, може да доведе до жесток судир со православните еврејски партии, кои се клучни за опстанокот на владејачката коалиција на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Повикувајќи се на закон што би ја променил ситуацијата во која повеќето млади мажи од ултраортодоксно потекло можат да ја избегнат задолжителната воена служба со одење на религиозни студии, Галант кажа дека притисокот се должи на потребата од персонал во армијата поради борбите во Појасот Газа и северната граница на Израел, но и поради потребата од придонес од сите сектори на општеството, пишува „Тајмс оф Израел“.

-Ги цениме оние кои го посветуваат својот живот на проучување на Тората. Меѓутоа, без физичко постоење, нема духовно постоење. Нашите безбедносни предизвици покажуваат дека секој мора да го носи товарот на служењето војска. Сите делови од општеството, рече Галант во телевизиско обраќање од седиштето на Министерството за одбрана во Тел Авив.

Инсистирањето на Галант, поддржано од пратениците од Партијата за национално единство, која ги вклучува министрите Ганц и Ајзенкот, двајцата поранешни началници на Генералштабот на израелските одбранбени сили (ИДФ), најверојатно ќе и дозволи на владата да го усвои законот.

Персоналната управа во ИДФ минатата недела соопшти дека на околу 66.000 млади мажи од ултраортодоксните заедници минатата година им било одобрено одложување на воената служба, што е рекорд на сите времиња. Во 2017 година, израелскиот Врховен суд го отфрли законот за ослободување од воена служба како дискриминаторски, бидејќи го нарушува принципот на еднаквост пред законот, и и нареди на владата да донесе нов закон.

Минатата недела владата го извести судот дека ѝ треба повеќе време за да донесе ваков закон бидејќи тоа е невозможно да се направи во време на актуелната војна. 

-Ова не е партиско прашање. Тоа не е секторска работа. Ова е прашање на национална безбедност од најголема важност, рече израелскиот министер за одбрана. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан