• вторник, 12 ноември 2024

Вјоса Османи бара од амбасадорите на ЕУ да нема нови критериуми за визна либерализација за Косово

Вјоса Османи бара од амбасадорите на ЕУ да нема нови критериуми за визна либерализација за Косово

Приштина, 17 октомври 2022 (МИА)  Претседателката на Косово, Вјоса Османи се сретнала денеска со амбасадорите на Германија, Италија и Словенија, со кои разговарала за визната либерализација за косовските граѓани и за зачленувањето на земјата во Советот на Европа, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението од претседателскиот кабинет се вели дека Османи со амбасадорите дискутирала „за политичкиот развој по состанокот на 13 октомври на работната група на СЕ за визите“, на која, според медиумите, Франција предложила либерализацијата за Косово да се поврзе со системот ЕТИАС, со кој за граѓаните на земјите кои имаат либерализација ќе се внесуваат податоците пред да патуваат во земјите на ЕУ.

- Според претседателката Османи, многу е значајно поддршката да продолжи и сега, кога Косово очекува да се затвори многу значајниот процес на создавање можности за слободно движење на нашите граѓани, процес кој директно влијае на нашите животи. Таа нагласи дека членките на ЕУ треба да ја земат предвид препораката на Европската комисија, која повтори дека нашата земја ги исполнила сите критериуми, се вели во соопштението.

Османи нагласила дека е битно на ниту еден начин да не се дозволи да се воведат нови критериуми за укинување на Шенген-визите за Косово, затоа што, според неа, на тој начин би се негирале човековите права на косовските граѓани и би се наштетило на кредибилитетот на ЕУ.

Во петокот, 14 октомври, Османи ги прими и амбасадорите на петте членки на ЕУ, за кои беше јавено дека го поддржаа условувањето на визната либерализација за Косово - Франција, Шведска, Холандија, Белгија и Австрија.

Проблемот со францускиот предлог за поврзување на либерализацијата со системот ЕТИАС, нагласуваат во Приштина, е што овој систем ниту во земјите на ЕУ не е предвидено да стане функционален пред ноември 2023 година. иа/паг/

Остани поврзан