• понеделник, 29 април 2024

„Вртеж“ на Александар Ефтимовски викендов во Градскиот парк во Скопје

„Вртеж“ на Александар Ефтимовски викендов во Градскиот парк во Скопје

Скопје, 13 април 2024 (МИА) - „Вртеж“ - интерактивно уметничко дело напојувано од обновлива енергија изработено од македонскиот уметник и скулптор Александар Ефтимовски денеска и утре е изложено во Градскиот пакрк во Скопје, во близина на езерцето. Уметничкото дело се состои од турбина на ветер изработена од рециклиран материјал што овозможува полнење на струја.

Мрежата за климатска акција на Европа (CAN Europe) го претставува ова уметничко дело со цел да се пренесе дискусијата до граѓаните и на локално ниво и да се подигне свеста за потребата од транзиција од енергетски систем базиран на јаглен кон обновливи извори на енергија.

Фросина Антоновска, офицер за климатски и енергетски политики во CAN Europe изјави дека идејата потекнува од тоа на практичен начин да им се долови на граѓаните како обновливите извори на енергија можат да бидат дел од нивниот живот.

-Она што е важно во целокупната енергетска транзиција за која зборуваме на денешницата е дека сите ние треба да бидеме дел од решението и дека и ние како граѓани можеме да имаме обновливи извори во својот дом, да  ги користиме во секојдневието. Идејата понекогаш е многу апстрактна за луѓето, но на овој начин се обидовме да им ја доближиме колку впрочем тоа е едноставно, рече Антоновска.

Таа појасни дека освен во Скопје, делото ќе биде изложена во Белград, во паркот Калемегдан следниот викендот, од 20 до 21 април 2024 година. Информира дека Мрежата за климатска акција на Европа (CAN Europe) изработи студија со која, како што рече, токму ги анализираше бариерите за обновливи извори енергија во Македонија и во Србија. 

- Посетителите покрај тоа што ќе можат да имаат интеракција со скулптурата, скенирајќи го кодот, ќе можат и да дојдат поблиску до податоците од студијата, до конкректни информации за тоа како граѓаните можат да произведуваат и да користат енергија, подвлече Антоновска.

Скулпторот Александар Ефтимовски изјави дека на формата на скулптура решил да додаде уред - ветерница која ќе произведува струја и преку тој електронски систем ќе можат да се полнат уреди на него. 

- Идејата беше формата да биде апстрактна, да биде динамична, да асоцира на ветер, на некакво движење. Одлучив елементите кои излегуваат од цилиндричната форма да бидат полумесечени, да и дадат динамика на движење на целата фигура.  Фигурата е направена од рециклирани материјали, поточно реупотребени материјали, значи не го поминале процесот на рециклирање. Изработена е во Скопје, во моето студио. Јас сум авторот и самиот го изработив, рече Ефтимовски.

Според него, скулптурата е со монументални димензии, некаде 3,5 метри во висина и два со педесталот и би требало да ја врши функцијата, не само да биде естетска форма за гледање или форма да го разубавува просторот, туку да биде интерактивна и да има примена. Примената е таа што ќе може да полни мобилни и слични уреди.

Додаде дека ова е продолжение на неговото моментално творештво. Лани изработил скулптури клупи за МКЦ во Скопје, каде се поставени трајно.

Во Градскиот парк во Скопје денеска и утре ќе има музика и волонтери кои ќе разговарат со посетителите за делото. Граѓаните ќе можат да седнат во поп-ап кафе, со кое се промовираат и други еколошки навики. Посетителите со носење сопствена чаша добиваат попуст од кафетериите и со тоа се намалува отпадот и се внимава на животната средина. мд/свс/

Фото: МИА 

 

Тагови

Остани поврзан