• петок, 17 мај 2024

Во Штип панел дискусија за менталното здравје на младите

Во Штип панел дискусија за менталното здравје на младите

Штип, 13 ноември 2023 (МИА) - Истражувањата на Невладината „Хера“ покажуваат дека половина од девојчињата и третина од момчињата се соочуваат со психосоматски симптоми. Претседателката на Невладината ХЕРА, Румена Гердовска-Којчевска на денешната прес-конференција по панел дискусијата во Штип за менталното здравје на младите истакна дека според истото истражување, бројот на малолетнички раѓања е речиси трипати поголем отколку во земјите на Европската Унија, а младите порано стапуваат во прв сексуален однос во споредба со нивните врсници од западноевропските земји. Таа забележа дека  панел-дискусијата која денеска се одржа во Општина Штип е со цел да отвори дијалог за подобрување на менталното здравје, како и сексуалното и репродуктивното здравје.

-Дури 52 отсто од младите луѓе, пред сѐ младите девојчиња, и 29 проценти од машките се соочуваат со психосоматски симптоми и тоа секојдневно, на неделна основа, повеќекратно, што значи дека тоа е огромна млада популација којашто има и те како сериозна потреба од едукација и запознавање со овие содржини. Истражувањата покажуваат и дека 50 отсто од учениците на 15-годишна возраст во паралелките со албански наставен јазик и околу 25 проценти од учениците во паралелките со македонски наставен јазик ги прифаќаат традиционалните родови стереотипи како, на пример, дека мажот треба да биде авторитетот во куќата, а жената да биде само добра сопруга и домаќинка наместо напредувањето во кариерата, вели  Гердовска-Којчевски.

Психологот од скопската Гимназија „Никола Карев“, Гордана Блажевска-Спиридонова рече дека младите, а особено на возраст од 15 до 18 години  се соочуваат и со различни видови насилства. Според неа важна е поддршката, со цел младите погласно да зборуваат за насилството кое се врши врз нив.

-Повторно да им се даде сериозна поддршка да имаат правилен пристап кон менталното здравје и потешкотиите со менталното здравје, правилно да го разбираат менталното здравје, да разберат дека повлекувањето во себе не е единствен одговор, туку барање начини да се одговори за своето здравје, така што активно ќе се побуниш, активно ќе се соочиш, ќе се негуваат други вредности, како што се сочувствителноста, емпатија, поддршка, препознавање на потребите кај врсниците отколку да биде само грижа, свртеност кон себе и неодговарање на потребите на останатите, рече  Блажевска-Спиридонова.

Темата на панел-дискусија е „Колку се важни образовните програми за благосостојбата и менталното здравје на младите?“, а во неа учествуваа претставници од Општина Штип, наставници, како и ученици, а се одржа во организација на ХЕРА и Бирото за развој на образованието, а присуствуваше и заменик-амбасадорот на Франција. вдј/дма/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан