• понеделник, 23 декември 2024

Бесплатни прегледи за граѓаните на Охрид по повод Светскиот ден на борбата против покачениот крвен притисок

Бесплатни прегледи за граѓаните на Охрид по повод Светскиот ден на борбата против покачениот крвен притисок

Охрид, 16 мај 2024 (МИА) - Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ во Охрид и оваа година се приклучува во одбележувањето на Светскиот ден на хипертензијата, како една од активностите за придонес кон превенција на кардиоваскуларните заболувања.

Светскиот ден на хипертензија се одбележува на 17 мај, а установата во соработка со „Крка – Фарма“ ДООЕЛ Скопје за утре организира настан за подигање на свесноста на граѓаните на општина Охрид за значењето на хипертензијата како еден од најзначајните ризик-фактори што го засегаат здравјето на луѓето.

-Оваа година го потенцираме значењето на физичката активност во превенцијата од кардиоваскуларен настан и мозочен удар, со потикнување на граѓаните на физичка активност и придржување кон препораките за превенција или терапијата доколку се веќе дијагностицирани. За таа цел ќе се прават бесплатни прегледи на граѓаните на два означени пунктови со банери од Крка Фарма Скопје, поставени по кејот на Охридското Езеро каде ќе се мери крвен притисок и делат совети и информативни материјали од страна на докторите од оваа институција и присутните претставници од ‘Крка – Фарма’ ДООЕЛ Скопје. Во настанот ќе ги вклучиме и нашите пациенти кои се кај нас на стационарна кардиорехабилитација, велат од Болницата.

Согласно податоците на Светската здравствена организација, покачениот крвен притисок е одговорен за 7,6 милиони смртни случаи годишно на светско ниво (13.5 отсто од вкупниот број смртни случаи), повеќе од било кој друг ризик фактор. Околу 54 проценти од мозочните удари и 47 отсто од коронарната артериска болест се предизвикани од покачен крвен притисок.

Утрешната активност во Охрид предвидено е да се реализира во периодот од 12 до 15 часот, на неколку пунктови на Кејот на Охридското Езеро. аб/аа/

фото/МИА

 

Остани поврзан