• недела, 28 април 2024

Во рускиот напад на Чернигов загинаа 11 лица, во Русија соборени неколку украински дронови

Во рускиот напад на Чернигов загинаа 11 лица, во Русија соборени неколку украински дронови

Киев, 17 април 2024 (МИА) - Најмалку 11 лица загинаа, а 22 се ранети во денешната експлозија на три руски ракети кои го погодија осмиот кат на станбена зграда во центарот на градот Чернигов на северот на Украина, соопшти градоначалникот Олександр Ломако.

Регионот, кој граничи со Белорусија на север, беше окупиран на почетокот на руската инвазија, но е поштеден од големи борби откако руската армија се повлече.

- Непријателот изврши три ракетни напади во центарот на градот. Има цивили кои се убиени и многу ранети. Спасувачите се на самото место, изјави гувернерот Вјачеслав Чаус.

Чернигов се наоѓа во близина на тројната граница на Украина со Русија и Белорусија, на околу 150 километри од главниот град Киев.

Од друга страна, руското Министерство за одбрана соопшти дека украинско беспилотно летало е соборено над регионот Мордовија, приближно 350 километри источно од Москва. Тоа е 700 километри од украинската граница.

Околу еден час пред нападот во Мордовија, руската цивилна авијација ги прекина летовите на аеродромите во два големи града, Нижни Новгород и татарстански Казан, поради „безбедносни причини“.

Во соопштението на Министерството беше наведено дека е соборен уште еден украински дрон, овој пат во регионот на Татарстан, кој се наоѓа на околу 1.200 километри источно од границата.

Исто така, според непотврдени информации, украинска ракета погодила аеродром во окупираниот Крим. Ниту руски, ниту украински официјални лица не го потврдија нападот, но локалните власти привремено го затворија патот до аеродромот. ссм/

фото: ЕПА

 

Остани поврзан