Во втората половина од 2022 ДИЖС изрече санкции од 300 000 евра
- Со реализирани 1 043 инспекциски надзори, 173 повеќе од предвидените, од кои 677 редовни, 164 вонредни и 202 контролни надзори, изготвени 21 решение и 29 прекршочни санкции, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во последните шест месеци од 2022 година од прекршочни санкции изречени над правни и физички лица во државниот Буџет има обезбедено прилив од над 300 000 евра.
Скопје, 17 февруари 2023 (МИА) - Со реализирани 1 043 инспекциски надзори, 173 повеќе од предвидените, од кои 677 редовни, 164 вонредни и 202 контролни надзори, изготвени 21 решение и 29 прекршочни санкции, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во вторите шест месеци од 2022 година од прекршочни санкции изречени над правни и физички лица во државниот Буџет има обезбедено прилив од над 300 000 евра.
Како што информираше на денешната прес-конференција за презентација на шестмесечниот извештај директорот на Инспекторатот, Сретен Стојковски, од кога е тој прв човек на ДИЖС од пред 18 месеци, изречени се или иницирани прекршочни санкции над правни и физички лица за износ од околу еден милион евра.
- Во тек се постапки за спогодување за ненаплатен надоместок за користење на води и одведување на отпадни води со јавните водостопански претпријатија за периодот од 2011 до денес во износ од 40.000.000 денари пред Комисијата за спогодување при МЖСПП и Судот за ЈП Куманово и ЈП Прилеп, како и постапки за спогодување со Цементарница Скопје, Пејпер Мил - Кочани и инспекциски надзор во Б-инсталација САНС- АГ Штип во местото Пенуш на КП1081 со култура Пасиште, информираше Стојковски.
Како дел од активностите реализирани во текот на второто полугодие од 2022 година, тој ги издвои учеството на ДИЖС на годишниот состанок во седиштето на ЕВРОПОЛ во Хаг, за утврдување на Годишниот план за оперативни активности за 2023 од областа Криминал во животната средина, учество на тематска работилница за криминал во животната средина и културно наследство во Тренинг Центарот на Полицијата во Идризово, во организација на МВР и италијанските Карабињери, оперативните активности со МВР и државни инспекторати во делот управување со отпад со над 100 вонредни инспекциски надзори и две работилници за презентација на новиот Закон за инспекциски надзор во животната средина и обврските кои произлегуваат од истиот со Југозападниот и Пелагониски регион и Вардарскиот и Југоисточниот регион со присуство на претставници на ДИЖС и МЖСПП, а во соработка со ЗЕЛС.
Тој го наведе и проектот ремедијација на малата депонија со линдан во поранешна фабрика ОХИС во Скопје.
- Извезени се 960 тони НСН-отпаден линдан и 80 тони земја со НСН-отпаден линдан. Првите два лота се завршени, а УНОПС го потпиша договорот со единствениот понудувач на меѓународниот тендер ПОЛИЕКО. Имаме редовен мониторинг на амбиенталниот воздух во и околу депониите со НСН. Стартот за расчистување на 3 лот од малата депонија со НСН се очекува во март 2023 година, посочи тој.
Стојковски нагласи дека вршеле редовни инспекциски надзори во ОХИС и Пеленица и дека се изработени документи кои произлегуваат како законски одредби и тоа годишни планови за за 2023 година за работа на ДИЖС, за генерички обуки на административните службеници, за вработување и за ризици од корупцијата.
Буџетот на ДИЖС за 2023 година, како што информираше директорот, изнесува 36.275.000,00 денари од кои 22.180.000,00 ќе бидат за плати и надоместоци.
- Потребни се возила, особено теренски, за што дадовме барање до Агенцијата за одземен имот. ДИЖС се надева дека по санација на просториите кај Комерцијална банка - Камени мост, истите повторно ќе и бидат дадени на користење. Потребни се реформи во инспекцискиот систем за животна средина и генерално реформи во јавната администрација, рече тој, посочувајќи дека ставот на ДИЖС е дека треба да постои единствен систем на инспекциски надзор во животната средина.
Помеѓу активностите кои што се предвидени за 2023 година се повеќе инспекциски надзори, активности во делот на спречување на нелегално користење на природните ресурси од водотеците и реките, како и учество на Поткомитет Брисел-Скопје за животна средина, транспорт, енергетика и регионален развој и други. ар/сп/