• вторник, 17 декември 2024

Во ОУ „Гоце Делчев“ во општина Илинден инсталирана фотоволтаична централа, донација од ОКТА

Во ОУ „Гоце Делчев“ во општина Илинден инсталирана фотоволтаична централа, донација од ОКТА

Скопје, 20 октомври 2023 (МИА) - Фотоволтаична централа со вкупна инсталирана моќност од 15 киловати е поставена на покривната конструкција на основното училиште „Гоце Делчев“ во општина Илинден. Централата, која е проектирана согласно годишната потрошувачка на електрична енергија на училиштето, е донација од ОКТА, како една од активностите со кои компанијата го одбележува 45-годишниот јубилеј.

-Со оваа, трета по ред донација на фотоволтаична централа наменета за образовна институција, ОКТА ја истакнува својата стратешка определба кон обновливите извори на енергија. Преку реализација на оваа активност компанијата го заокружува годинашниот план за поддршка на образовните установи во земјава и нивно обезбедување со обновлива енергија, што ќе придонесе за нивна поголема енергетска независност и значителна заштеда на средства. Дополнително, донацијата ќе претставува можност за учениците да се стекнат со директни знаења за придобивките од употребата на чиста енергија, одржлив развој и заштита на животната средина, изјави Ристо Јаневски, директор на енергетско планирање и развој во ОКТА.

Предвидено е фотоволтаичната централа годишно да произведува и до 21,5 мегават часови електрична енергија, што ќе покрие значаен дел од потребите на ОУ „Гоце Делчев“.

-Компанијата ОКТА повторно докажа дека е општествено одговорен член на заедницата, но и добар сосед кој се грижи за реалните потреби на своите сограѓани. Со оваа донација се овозможува континуирана заштеда на средства за општината и намалување на трошоците на училиштето, а се ослободуваат средства за понатамошно подобрување на образовниот и воспитниот процес, од кој крајниот бенефит ќе го имаат децата и нивните родители, изјави градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.

ОКТА е во завршна фаза на донацијата и на соларен полнач и паркинг за велосипеди во кампусот на УКИМ, а работи и на реализацијата на изградба на фотоволтаична централа со инсталирана моќност од 12 мегавати во кругот на компанијата.вј/ир

Фото: ОКТА

Остани поврзан