• понеделник, 29 април 2024

Во Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Решат Амети

Во Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Решат Амети

Кавадарци, 20 април 2024 (МИА) - ,,Во потрага по светлината", е насловена изложбата на дела, од ликовниот уметник Решат Амети, што синоќа беше отворена во Домот на културата ,,Иван Мазов - Климе" во Кавадарци. 

Директорката на Домот, Јулијана Туриманџова информираше дека тој работи како професор по сликарство, на Факултетот за ликовна уметност при Државниот универзитет во Тетово. 

- Решат Амети е меѓународно признат уметник, носител на наградата за животно дело за уметност и култура, како и многу други награди и признанија од меѓународен и домашен карактер. Неговите уметнички дела се во сопственост на многу музеи, културни институции и приватни колекции на светски познати личности како добитници на Нобелова награда, светски познати писатели, претседатели на држави и слично, соопшти Туриманџова. 

Имал над 70 самостојни изложби, организирани претежно во странство, а учествувал и во над 300 групни изложби, локални и меѓународни.

Ликовниот уметник Владимир Темков, за Амети рече дека е човек што ја промовира македонската уметност ширум светот.  

Климе Коробар,  историчар на уметност и ликовен критичар, подвлече, дека,  за сликарството на Амети, можеме слободно да кажеме дека тоа не е одраз на надворешната реалност, туку  преставува внатрешна слика на душата.

- Неговите имагинарни предели на душата тежнеат кон убавина, која гледачот треба да ја впие во себе, за да може да го почуствува величествениот момент на светлината. Затоа што, само преку нејзе, можеме да го осознаеме светот што не опкружува, но и духовниот свет кој ги осветлува нашите души, на што целосно му е посветено сликарстрвото на Решат Амети, додаде Коробар. свд/

Фото : МИА

Остани поврзан