• недела, 26 јули 2026

Во Кавадарци изложба на дела  ,,12 Ваташки младинци во боите на македонската народна култура и традиција"

Во Кавадарци изложба на дела  ,,12 Ваташки младинци во боите на македонската народна култура и традиција

Кавадарци, 2 јули 2026 (МИА) - ,,12 Ваташки младинци во боите на македонската народна култура и традиција", е насловена изложбата на дела од деца и младинци, што вечерва беше отворена во галеријата при Домот на културата ,,Иван Мазов - Климе“ во  Кавадарци.

Изложбата е дел од случувањата во рамките на Меѓународниот фестивал ,,Кавадаречки фолклорни средби 2026", што се одржува од 2 до 4 јули 2026 година. Изложбата на дела, беше во рамките на детскиот ликовен конкурс „12 Ваташки младинци – 1943“. 
 
- Конкурсот беше организиран со цел да се поттикне детското ликовно творештво, да се афирмира македонската народна култура и традиција и преку уметноста да се негува историското паметење за дванаесеттемина ваташки младинци.
На конкурсот пристигнаа бројни творби од ученици од основните училишта од различни градови низ државата. Преку цртежите, младите автори ја претставија богатата македонска традиција, инспирирана од народните носии, орнаментите, обичаите, архитектурата, фолклорот и природните убавини, покажувајќи исклучителна креативност, талент и оригиналност, рече во своето обраќање,  м-р Марина Убавкова, стручен соработник за визуелни уметности и куратор на изложбата. 

Таа истакна дека ваквите конкурси имаат особено значење за развојот на детската креативност и за поттикнување на младите генерации да го запознаваат и почитуваат сопственото културно наследство. Беше нагласено дека народната култура не претставува само наследство од минатото, туку жива инспирација која продолжува да се развива преку детската имагинација и современото творештво.

Вечерва беа наградени и најдобрите дела, по вреднувањето од стручна комисија. На наградените ученици им беа врачени дипломи и признанија, а упатени беа искрени честитки и до нивните наставници, ментори и родители за нивната посветеност во развојот на младите ликовни таленти.

- Изложбата претставува сведоштво за богатството на детската креативност и за силата на уметноста да ги поврзе традицијата, културното наследство и современиот детски израз, испраќајќи порака за почит кон националните вредности и нивното пренесување на идните генерации, додаде Убавкова. 

Беше упатена желба, оваа изложба да продолжи да инспирира нови генерации млади уметници и љубители на македонската култура и традиција. свд/вг/


Фото: МИА


 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа