• вторник, 02 јули 2024

Во израелски напад на град во Појасот Газа загинаа девет лица

Во израелски напад на град во Појасот Газа загинаа девет лица

Газа, 2 јули 2024 (МИА) - Девет лица загинаа во ноќешниот израелски напад на градот Кан Јунис на југот од Појасот Газа, соопштија денеска палестинските официјални лица.

Пред очекуваната операција на копнените сили, Израел вчера нареди евакуација на одредени делови од овој град.

Во нападот минатата ноќ била погодена куќа во близина на „Европската болница“, во зона која Израел ја нареди за евакуација, иако војската соопшти дека оваа установа не е вклучена во таа наредба, но директорот рече дека сепак поголемиот дел од пациентите и персоналот биле преместени.

- Околу 250.000 луѓе се наоѓаат во евакуационата зона, што претставува повеќе од 10 проценти од 2,3 милиони жители на Газа, вклучувајќи ги и оние кои побегнале поради претходните конфликти, изјави денеска Сем Роуз, директор за планирање во Агенцијата на ОН за палестинските бегалци (UNRWA).

Тој истакна дека околу 50.000 луѓе надвор од таа зона може да одлучат да побегнат поради борбите што се водат во близина.

На оние кои се евакуираат им е кажано да бараат засолниште во големиот камп со шатори покрај брегот на Средоземното Море, кој веќе е преполн.

Израел започна војна во Газа на 7 октомври минатата година по нападот на Хамас на јужната израелска територија, во кој беа убиени околу 1.200 лица и беа киднапирани повеќе од 250 лица.

Од тогаш, во израелските копнени офанзиви и бомбардирања во Газа загинаа повеќе од 37.900 лица, според податоците на тамошното Министерство за здравство, кое не прави разлика меѓу цивили и борци.

Војната значително го попречи снабдувањето со храна, лекови и основни производи, и луѓето се потпираат исклучиво на помош.

Највисокиот суд на ОН заклучи дека во Газа постои висок ризик од геноцид, што е обвинување кое Израел остро го негира. ссм/

фото: архива

Остани поврзан