Средба Мишел-Милатовиќ: Црна Гора да го задржи реформски моментум не само со зборови, туку и со дела
- ЕУ смета дека Црна Гора ќе го задржи позитивниот реформски моментум на стратешкиот европски пат не само со зборови, туку и со дела од сите политички актери, во согласност со целта на земјата да се приклучи на Унијата како следна земја членка, соопшти Европскиот совет по средбата на неговиот претседател Шарл Мишел со шефот на црногорската држава Јаков Милатовиќ во Брисел.
Брисел, 2 јули 2024 (МИА) - ЕУ смета дека Црна Гора ќе го задржи позитивниот реформски моментум на стратешкиот европски пат не само со зборови, туку и со дела од сите политички актери, во согласност со целта на земјата да се приклучи на Унијата како следна земја членка, соопшти Европскиот совет по средбата на неговиот претседател Шарл Мишел со шефот на црногорската држава Јаков Милатовиќ во Брисел.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Советот посочува дека по Меѓувладина конференција ЕУ-Црна Гора одржана минатата недела и позитивните Привремени извештаи за проценка за поглавјата 23 и 24 од страна на Европската комисија, важно е Црна Гора да остане на европскиот пат од сите аспекти и сите политички субјекти да работат заедно на спроведување на реформската агенда за членство во ЕУ.
Според Европскиот совет, има нов моментум во проширување на ЕУ и Црна Гора како фаворит во процесот на пристапување има реална можност да напредува, но таа не треба да се загуби или да се зема здраво за готово.
- Добрососедските односи остануваат суштински елемент на процесот на пристапување и не треба да бидат загрозени, се наведува во соопштението. при што се додава дека Мишел „ја цени посветеноста на претседателот Милатовиќ во оваа насока“.
Инаку, средбата Мишел-Милатовиќ уследи по одложувањето на посетата на претседателот на Советот на ЕУ на Црна Гора поради последните политички случувања во земјата. сп/
Фото: Скриншот