• сабота, 06 јули 2024

Во Гостивар учебната година започна со помалку ученици

Во Гостивар учебната година започна со помалку ученици

Гостивар, 1 септември 2023 (МИА) – Новата учебна година во гостиварската општина започна со помалку ученици и истиот број на наставници. Општинскиот совет на еден ден пред почетокот на учебната година изгласа одлука со која се дозволи формирање на паралелки со помалку од 24 ученици.

Според информациите на првиот човек на гостиварскиот огранок на СОНК, Тафа Амети во четирите општински средни училишта на градот Гостивар, само во средното медицинско се пополнети сите места предвидени со овогодишниот конкурс за запишување на 209 ученици. Во Општинското средно техничко училиште (ОСТУ) од 502, пополнети се 260, во гимназијата од предвидените 374, во клупите ќе се седнат 138 ученици, а најмалку интерес имало во средното економско училиште каде од слободни 272 места, се запишале 55 завршени основци.

Според Амети, намалувањето на бројот на ученици и наставната програма која предвидува намалување на часовите ги доведе во прашање и работните места на десетина наставници кои предаваат македонски и англиски јазик.

- Со намалувањето на бројот на ученици се создава голем дисбаланс помеѓу слободните места на конкурсите и бројот на ученици кои завршуваат основно образование. Тоа во скоро време ќе го зголеми ризикот, па некои наставници може да останат без работа и да бидат прогласени за технолошки вишок, вели Тафа Амети претседател на СОНК за Гостивар.

Годинава, со новите законски измени за средно образование, бројот на часови по англиски јазик и македонски јазик е намален, со што десетина наставници се во зоната на технолошки вишок. Отпуштања ќе нема, велат од локалната самоуправа. Ова беше кажано на последниот состанок со претставници на секторот за образование и училишните управи, претставници од Бирото за развој на образованието и Синдикатот за образование, наука и култура.

Според Аслијан Снопче, раководителка на Секторот за образование при општина Гостивар, потенцира дека годинава нема да се прогласува технолошки вишок во образовните институции. Тоа значи дека во оваа учебна 2023/24 година околу 1.200 наставници ќе останат на работа.

- Направени се консултации и пред почетокот на учебната година наставниците навреме се префрлени во други училишта каде има недостиг од образовен кадар исто така и со наставниците кои се дефицитарни по одредени предмети, рече Снопче.

Процените на одговорните за образовниот процес во општина Гостивар во која има десет основни училишта со неколку подрачни се дека бројот на првоодделенци константно се намалува и намален за стотина, во споредба со оној од пред десетина години. Во анализите, како причини се наведуваат иселувањето и формирањето на помалубројни семејства. Во овој период, пред почетокот на школската година, Советот на Општина Гостивар дава „зелено светло“ за одлука со која дава согласност да се формираат паралелки во училиштата со помалку од 24 ученици, што е пак законскиот минимум. Тоа се однесува и на основните и на средните училишта.

Првиот синдикалец Амети посочува и на една појава која е карактеристична за подрачните училишта во некои села, каде како што вели, во некои има повеќе наставници од ученици, а во средното економско училиште има класови кои се на раб на дозволениот минимум па се случува во еден клас да има седум до осум ученици.

Во поголемиот број на училишта во општина Гостивар заради мултиетничкиот состав, наставата се изведува на албански, македонски и турски јазик.згм/ев/

ФОТО: МИА

Остани поврзан