Во Гевгелија трето издание на изложбата „НарАРТива 2025“
- Во рамки на програмските активности со кои Општина Гевгелија го одбележува статусот „Град на културата за 2025 година“, вечер во Уметничката галерија „Аман“ ќе биде отворено третото издание на изложбата „НарАРТива“. Настанот е во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“-Гевгелија, во соработка со НУ „Музеј- Гевгелија“.
Гевгелија, 27 ноември 2025 (МИА) - Во рамки на програмските активности со кои Општина Гевгелија го одбележува статусот „Град на културата за 2025 година“, вечер во Уметничката галерија „Аман“ ќе биде отворено третото издание на изложбата „НарАРТива“. Настанот е во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“-Гевгелија, во соработка со НУ „Музеј- Гевгелија“.
Како што соопштија од Општината, годинашното издание се одржува под мотото „Кога зракот го допира стихот“, кое ја отсликува суштината на концептот-спојот меѓу поетскиот израз и визуелното толкување.
-Поезијата претставува основен мотив околу кој се развиваат ликовните интерпретации, а изложените дела го истражуваат односот меѓу стихот, светлината, бојата и формата. Уметничките дела претставуваат визуелни рефлексии на избраните поетски содржини, создавајќи современа, интермедијална поставка што го нагласува значењето на литературата како инспиративна база за ликовното творештво, се наведува во соопштението.
На „НарАРТива 2025“ ќе се претстават уметниците Владимир Илиевски, Мирјана Крстева Масетти, Перо Кованцалиев, Вангел Срнаков, Никола Пијанманов, Ване Костуранов, Славица Милева, Александар Јанев, Љупка Галазска-Василев и Габриела Стахурска Гошева.рт/са/
Фото: Општина Гевгелија