• сабота, 20 јули 2024

Војна со дронови: каква закана претставуваат јеменските Хути за Израел?

Војна со дронови: каква закана претставуваат јеменските Хути за Израел?

20 јули 2024

France 24/AFP

Јеменските бунтовници хути, кои тврдат дека рано во петокот извршиле смртоносен напад далеку од нивните граници во Израел, изградија значаен арсенал на беспилотни летала.

Откако изби војната меѓу Израел и Хамас во Газа на 7 октомври, хутите поддржани од Иран извршија десетици напади со беспилотни летала и ракети против бродовите во Црвеното Море и Аденскиот Залив, како што велат, чин на солидарност со Палестинците.

Откако постојано се закануваа дека ќе ги прошират своите операции, бунтовниците ја презедоа одговорноста за напад со беспилотно летало во петокот врз Тел Авив, во кој, според израелските власти, загинало едно лице. Тоа означи „нова фаза“ во нивните операции против Израел, велат Хутите кои постојано ги развиваат своите способности за беспилотни летала од 2014 година кога го зазедоа јеменскиот главен град Сана.

Еве позадина за нивната технологија:

Саудиска Арабија и САД постојано го обвинуваат Иран дека им доставува на хутите беспилотни летала, проектили и друго оружје, обвинение кое Техеран го негира. Хутите велат дека ги произведуваат своите дронови дома, иако аналитичарите велат дека тие содржат шверцувани ирански компоненти.

„Хутите не градат свои беспилотни летала и не градат свои проектили. Ниту еден од нив не е домашен“, вели Андреас Криг, воен аналитичар и виш предавач по безбедносни студии на Кралскиот колеџ во Лондон.

„Сите тие се собрани во Јемен, но целосно се засноваат на иранска инфраструктура, ирански планови и иранска технологија“, рече тој за АФП.

Арсеналот на Хутите ги вклучува иранските беспилотни летала Шахед-136 што Русија ги користи во војната против Украина, изјави за АФП Фабијан Хинц од Меѓународниот институт за стратешки студии. Тие имаат домет од околу 2.000 километри, рече тој.

Друг модел на борбено беспилотно летало, Самад-3, го користеа бунтовниците во нападите врз Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија.

Беспилотните летала на хутите користат GPS насоки и „летаат автономно по однапред програмирани точки“ кон нивните цели, напишаа експертите од Центарот за стратешки и меѓународни студии во извештајот за 2020 година.

Од јануари, американските воени сили соборија голем број беспилотни летала во делови на Јемен под контрола на Хутите и над околните води, како дел од кампањата да ги одвратат бунтовниците од напади со бродови и да го заштитат поморскиот сообраќај, според Централната команда на САД.

Нов дрон?

Во петокот, бунтовниците рекоа дека ново беспилотно летало наречено „Јафа“ било испукано во Тел Авив, кој е оддалечен најмалку 1.800 километри од Јемен, што го прави нападот најдлабок досега.

Воениот портпарол на Хутите, Јахја Сари, рече дека дронот може да ги заобиколи системите за воздушна одбрана и радарското детектирање.

Претставник на израелската војска, кој сакаше да остане анонимен, рече дека е откриен „многу голем“ дрон, но алармот не бил веднаш вклучен поради „човечка грешка“.

Хинц, кој ги анализираше снимките од остатоци од беспилотни летала, рече дека има знаци дека Јафа е ажуриран модел на стандардниот ударен дрон со долг дострел на бунтовниците.

„Ако внимателно ги погледнете остатоците и сликите што ги имаме, вклучително и на моторот, делови од трупот и едното крило, можете да видите дека UAV што беше користен има многу големи сличности со Samad-3“.

„Тоа би можело да биде нова верзија на тој дизајн“, додаде Хинц, истакнувајќи дека иранскиот мотор на Јафа се чини дека е помоќен од претходните модели.

„Би можело да се замисли хутите да се обидат да го зголемат досегот на Самад-3 за да можат да летаат на рути кои избегнуваат непријателска одбрана, избегнуваат откривање и потоа напаѓаат од неочекувани агли“, додаде Хинц.

Мохамед Албаша, висок аналитичар за Блискиот Исток за американската групација Наванти, рече дека „ова беспилотно летало најверојатно е опремено со радарски апсорпциски материјали (RAM) за да се постигне максимална невидливост“.

Зборувајќи за АФП, експертот рече дека „овие материјали ги претвораат радио брановите во топлина, намалувајќи ја количината на енергија што се рефлектира назад до изворот на радарот“.

Закана за Израел?

Хутите претходно презедоа одговорност за напади со беспилотни летала и ракети насочени кон јужното израелско одморалиште Еилат и пристанишните градови Ашдод и Хаифа, но ударот од петокот се чини дека е првиот што ја наруши сложената воздушна одбрана на Израел.

Тоа е прва операција за која бунтовниците презедоа одговорност против Тел Авив и е нивна прва што предизвика смртен случај во Израел.

„Нема сомнеж дека способностите на групата се подобруваат“, рече Торбјорн Солтведт од фирмата за ризично разузнавање Verisk Maplecroft. „Но, тврдењата на хутите дека развиле беспилотни летала што можат да ја избегнат израелската ракетна одбрана, најверојатно се пропаганда“, додаде експертот.

Според Хинц, нападите со беспилотни летала на хутите не претставуваат „стратешка закана“ за Израел. Растојанието меѓу Јемен и Израел е „едноставно преголемо“, рече тој.

За да претставуваат ефикасна закана, Хутите ќе мора да лансираат големи дронови што сепак се лесно забележливи, рече Хинц. Исто така, би им било тешко да ја совладаат одбраната со рој дронови од толку далеку.

Меѓутоа, хутите „можат да имаат „среќен удар““, рече тој. мс/

фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан